/ Прочитано:

1.736

КАРАЏОВСКИ: Во моментов не постои законска можност за формирање на специјално судско одделение

Доколку се наметне прашањето за формирање на ново судско одделение, односно специјално одделение, што според постојниот закон и Устав не е можно, потребна е законска интервенција, меѓутоа тоа треба да се направи многу внимателно, додава Караџовски.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

Дали ќе биде надлежен Судскиот совет за избор на судии доколку евентуално биде формирано ново судско одделение, односно специјално судско одделение што ќе работи на случаите од Специјалното јавно обвинителство и дали ќе биде надлежен Советот за утврдување на одговорноста на судиите од тоа одделение и за нивно разрешување, според претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски е сè уште рано да се каже бидејќи во моментов не постои законска можност за формирање на вакво одделение.

„Јас, како претставник на институцијата која е одговорна за судството, и Судскиот совет воопшто сме на мислење дека не треба да се менува концептот на кој е поставено судството во постојниот систем“, вели Караџовски.

Доколку се наметне прашањето за формирање на ново судско одделение, односно специјално одделение, што според постојниот закон и Устав не е можно, потребна е законска интервенција, меѓутоа тоа треба да се направи многу внимателно, додава Караџовски.

„Но, прашањата за одговорноста и за правата на претседателите на судовите или на претседателот на тој суд каде што ќе биде формирано новото одделение не можат да му бидат одземени како ингеренции на Судскиот совет“, смета Караџовски.

Претседателот на Судскиот совет, сепак, додава дека доколку таа идеја се прифати од страна на четирите најголеми партии кои преговараат со претставниците на меѓународната заедница и доколку биде постигнат политички договор, треба да се знае дека:

„Судството не работи врз основа на политички договор, туку врз основа на Устав и закон. Значи, сè мора да биде во рамките на Уставот и законите.Ние, како судско тело, сме надлежни и должни да ги спроведуваме законите и да постапуваме во согласност со нив“, вели Караџовски.

Формирањето на специјално судско одделение и специјално полициско одделение се прашања што веќе подолго време се предлагаат од експертите во јавноста, а неофицијално се дел и од преговорите што ги водат политичките партии.

Вчера министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, рече дека формирањето на специјално полициско одделение е нецелисходно и нелогично бидејќи, според Законот за кривичната постапка, јавниот обвинител има на располагање правосудна полиција во кој било обем.

М. С.