/ Прочитано:

2.070

КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА: Нема гаранција дека е прекинат надзорот врз телекомуникациите

„Заштита на приватноста од аспект на контролирањето на комуникациите и надзорот, заедно со медиумската сфера, се подрачјата во кои извештајот од септември на експертската група на Рајнхард Прибе констатира дека и по две години во голема мера нема никаков напредок и мора нешто да се направи. Немаме никаква гаранција со оглед на тоа дека во извештајот се констатира дека во планот на надзорот на телекомуникациските системи нема никаков напредок. Немам никаква причина зошто да верувам дека тоа е прекинато. Можеби е, но не добивам таков впечаток од ниеден од пишаните документи и материјали од тоа како течат процесите. Со самиот факт што сега допрва Министерството за внатрешни работи покренува иницијатива за нов Закон за оперативно-техничка агенција што ќе треба да го преземе овој дел од УБК на друго место покажува дека таму поставеноста и пристапот до информациите и телекомуникациските системи не се променети“, истакна денеска директорката на Фондацијата „Отворено општество“ Македонија, Фани Каранфилова-Пановска на отворањето на денешната 13. Меѓународна конференција „Е-општество“ во Скопје.

Каранфилова-Пановска се осврна и на прашањето за, како што подвлече, сериозниот институционален притисок од декември 2016 до мај-јуни 2017 врз 22 организации што беа предмет на истрага.  Овие организации сѐ уште немаат официјална информација дека предистражната постапка е запрена поради тоа што не се најдени никакви прекршувања на законите.

„Многу ми е драго што слушнавме изјава на министерот за внатрешни работи дека истрагите кон граѓанските организации се затворени и дека не се најдени никакви криминални активности. Таа вест е одлична, но сакам да кажам дека ние како организации, над 22 што беа предмет на сериозен институционален притисок од декември 2016 до мај-јуни 2017 година, немаме сѐ уште никаков официјален одговор од страна на Основното јавно обвинителство од каде беше покрената оваа иницијатива и под чиј налог беа присутни во нашите канцеларии“, истакна Каранфилова-Пановска, појаснувајќи дека тоа е едната постапка, додека другите постапки се со Управата за јавни приходи од каде што сѐ уште немаат официјални информации.

М.В