/ Прочитано:

1.503

Карл Остринг, правен застапник и инвестициски менаџер во „АБ Тракшн“: Правото е современа алатка за управување со правните ризици

Мора детално да ја знаете финансиската состојба на компанијата, како котира на пазарот за да знаете дали да се борите. Во фокусот секогаш треба да имате повеќе решенија кои треба да им ги понудите на клиентите. Тука се гледа успехот на правниот застапник кој е вработен во компанијата, а за да бидете постојано во тек, мора нештата да ви бидат постојано пред очи.

Карл Остринг, Академик Конференција 2016

Шведскиот експерт од областа на правото, Карл Остринг, главен правен застапник на компанијата „АБ Тракшн“ во Стокхолм, на четвртата по ред меѓународна Конференција за управување со правни ризици: правни трендови, несебично го сподели своето богато искуство од оваа област пред бројната публика.

Освен правен застапник, Остринг е и инвестициски менаџер во компанијата, позиција за која вели дека е потребен исклучителен ангажман и, како што објасни, станува збор за неверојатно одговорна  функција бидејќи нештата во „АБ Тракшн“ се менуваат секојдневно и компанијата секојдневно има актива од 250 милиони евра. Неговиот успех, како што рече, зависи од успехот на компанијата и обратно, поради што смета дека секоја современа компанија треба да има вработено правен советник.

„Во моето долгогодишно работно искуство навлегов длабоко во областа на стечајните постапки, го проучив сметководството и оваа материја навистина ја сакам. Мора детално да ја знаете финансиската состојба на компанијата, како котира на пазарот за да знаете дали да се борите. Во фокусот секогаш треба да имате повеќе решенија кои треба да им ги понудите на клиентите. Тука се гледа успехот на правниот застапник кој е вработен во компанијата, а за да бидете постојано во тек, мора нештата да ви бидат постојано пред очи. Затоа јас сум речиси секогаш на терен. Нема никогаш да го заборавам моето прво влегување во рудник, 600 метри под земја, но тоа беше неопходно за да видам во што инвестира компанијата во која мојата примарна функција е правен застапник и инвестициски менаџер“, рече Остринг во своето излагање на Конференцијата за управување со прави ризици.

Карл Остринг, Академик Конференција 2016

Учесниците имаа можност да слушнат дека успешното работење на компаниите секаде во светот се должи единствено на тоа што имаат вработено свој правен застапник, а не ангажираат надворешни консултанти. На менаџерите на големите корпорации, како што истакна Остринг, надворешни правни консултанти им се потребни единствено за некоја специјализирана област.  

„Не е едноставно да се биде надворешен правен консултант. Ги немате сите потребни информации, имате само делумни сознанија за евентуален правен проблем, а за да го решите, ви треба многу повеќе време, многу повеќе работа. Тоа е на некој начин осамена дејност, поради што е потребна цврста соработка со останатите колеги, адвокати, правници. Но, треба да се видите со повеќемина за да ги добиете сите потребни информации, а како што веќе реков, за тоа е потребно многу повеќе време и трпение. За разлика од ова, внатрешниот правен советник во една компанија располага со сите информации кои се потребни за склучување зделки. Компаниите не можат да чекаат премногу, можни се секакви ризици, па токму поради тоа во Шведска, па и во останатите земји кои имаат високоразвиени економии, тренд е компаниите да си имаат свој правен консултант, истакна Остринг.  

Во однос на прашањето дали управувањето со правните ризици ќе биде од исклучителна вредност за секоја успешна компанија, Остринг е убеден дека без оваа област едноставно светот нема да може да функционира.

„Денес секоја компанија е многу повеќе фокусирана на можните правни ризици, што не беше случај во минатото. Исто така, мислам дека колку повеќе наоѓаме правни решенија за управување со ризиците, толку повеќе почнуваме да го користиме правото како алатка за намалување на таквите ризици во секојдневното работење. Тоа го правиме со цел да се подобри бизнисот во светски рамки. Можам слободно да кажам дека во светот веќе не постои успешна компанија без цврста заднина, односно без цел тим од прави советници. Треба да ги знаете евентуалните ризици за да можете во точно определен момент да го свртите кормилото и да ги избегнете. Управувањето со правни ризици, според мене, е неминовна потреба“, истакна Остринг.

А. Б.