/Прочитано:

417

Катастарот и Нотарската комора потпишаа меморандум за соработка

На 11 ноември 2019 година, во просториите на Нотарската комора на Република Северна Македонија беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Нотарската комора на Република Северна Македонија со цел уредување на досегашната и идната меѓуинституционална соработка, која ќе придонесе за организирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на страните, која пред сè е од интерес и во служба на граѓаните и полесно и поефикасно остварување на нивните права и интереси.

На свеченото потпишување присуствуваше делегација на Агенцијата за катастар на недвижности предводена од директорот Борис Тунџев и делегација на Нотарската комора на РСМ предводена од претседателот Кузманоски.

Нотарската комора на Република Северна Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности соработуваат повеќе години наназад и тоа се изразува во повеќе форми на соработка, особено преку присуство на семинари, работилници, состаноци и др. форми на средби организирани од двете страни, па оттука произлезе и фактот дека потпишувањето на  меморандумот за соработка помеѓу овие две институции ќе биде логичен чекор во насока на продлабочување и конкретизирање на досегашна заедничка соработка. Дефинирањето на една нормативна рамка, како што е овој меморандум за соработка, е нужност од која ќе имаат корист и двете страни, а најголемиот ефект и најголемите придобивки ќе ги почувствуваат граѓаните.

Меморандумот за соработка  е склучен во согласност со надлежностите утврдени во Законот за катастар на недвижности и со Законот за нотаријатот, во духот на заемната меѓуинституционална соработка, која ќе придонесува за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на двете страни преку размена на знаење, искуства, меѓусебна техничка поддршка, одржување на редовни работни состаноци и обуки. Овој меморандум, кој се склучува врз основа на принципите на законитост, професионалност, транспарентност, стручност, ефикасност и сервисна ориентација, уредува доста позитивни аспекти во насока на подобрување на професионализмот, стручноста и ефикасноста во работењето на  страните.

Почнувајќи од 2010 година, кога започна процесот на дигитализација на Катастарот, нотарите, како главни чинители, беа активно вклучени во процесот на градење на електронскиот систем на Катастарот. Иако на почетокот не беа вклучени сите нотари, сепак со измените на Законот за катастар на недвижности од 2014 година се воведе законска обврска за задолжително поврзување на нотарите со е-кат шалтерот на Катастарот, па до денес во улога на професионални корисници нотарите имаат значен придонес во одржување и надградување на овој електронски систем, преку електронско доставување на податоците за правните основи на сопственоста, како и други правни исправи кои се основа за полнење на воспоставените регистри на катастарот (посебно регистарот на цени и закупнини). Се воведе и привилегијата за издавање на имотни листови од страна на нотарите, со што нотаријатот даде значителен придонес во  растоварување на катастарските шалтери.

Во своето обраќање по повод потпишувањето на меморандумот, претседателот на Нотарската комора, Васил Кузманоски, го истакна следното:

„Со моментално воспоставениот Катастар, сметам дека денес Република Северна Македонија, може да се пофали со доста напреден и современ катастарски систем, во кој нотарите се неминовен и еден од главните чинители во неговото постоење и одржување. Сето ова е резултат на одличната институционална соработка, која се надеваме дека ќе продолжи и во иднина, и на некој начин ќе придонесе за остварување на заложбите на Република Северна Македонија за имплементирање на стандардите на европските земји, а со тоа и приближување и влез во европското семејство.“  Истовремено, тој изрази посебна благодарност и почит до директорот на Агенцијата за неговата поддршка и за подготвеноста за заедничко дејствување на двете институции во секој сегмент што ја опфаќа оваа материја, а непосредно се однесува на нотарите, затоа што само на ваков начин и преку ваква соработка може да се изгради функционален систем, кој е во служба на граѓаните и кој ќе биде во нивна служба и понатаму.   

Потоа се обрати и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, кој го истакна следното:

„Денешниот момент е доказ дека добрата соработка помеѓу Агенцијата и нотарите ќе биде продолжена. Нотарите, како професионални корисници на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности, преставуваат клучна алка за спроведување на сите оние промени во однос на сопственоста, запишувањето на хипотеки и сето она што е во делокругот на нотарите. Битен сегмент, од исклучителна важност за Катастарот, е мислењето на професионалните корисници, а посебно на нотарите затоа што граѓаните преку нотаријатот ги остваруваат своите права во однос на своите имоти. Република Северна Македонија во однос на соработката помеѓу нотаријатот и Агенцијата за катастар не предничи само во регионот, туку и во цела Европа. Целта е во иднина, преку потпишување на денешниот меморандум, да ги унапредуваме нашите односи затоа што и нотарите и Агенцијата работат во интерес на граѓаните.“               

М.В