„Катимерини“: Ако банките во Кипар почнат со работа во вторник, повлечени ќе бидат седум милијарди евра
Петок, 22 март 2013 – Седум милијарди евра ќе бидат повлечени од Кипар ако банките на островот почнат со работа во вторник. Брисел бара од Никозија да замрзне секакво движење на капитал, вложен во кипарски банки за да биде избегнат банкрот на државата, објави „Катимерини“, повикувајќи се на европски извор.
Изворот вели дека ако банките бидат отворени во вторник, можно е повлекување на повеќе од седум милијарди евра.
– Ако не биде замрзнато движењето на банкарските капитали, можно е банките да бидат пред банкрот и кипарската држава да има потреба од многу поголем капитал, за да покрие гаранции за сите депозити до 100 илјади евра, додал изворот.
Улиците во Кипар се празни, пазарот и трговијата на островот се замрени целосно, државата е пред банкрот, синдикатите во исчекување на следните чекори на Владата, објавува весникот.
Провладиниот Симерини тврди дека Никозија и еврогрупата се близу до постигнување договор и кипарскиот парламент денеска ќе глaса за нацрт-закони за преструктуирање на банкарскиот систем.
Пред зградата на парламентот и денеска почнаа да се собираат стотици граѓани незадоволни од политиката на т.н. Тројка (ЕК, ЕЦБ и ММФ). Има силно полициско присуство. Пред банкоматите има долги редови. Најмногу луѓе се пред Народната банка за која постојат непотврдени информации дека ќе биде затворена. Централната банка негираше, а раководството донесе одлука да се ограничи повлекувањето пари до – 260 евра.