/ Прочитано:

4.268

КАТОЛИЦИ БАРААТ ЗАШТИТА НА СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА ОД УСТАВНИОТ СУД: „Дискриминирани сме, Велики петок треба да е неработен ден и за нас“

Членови на Здружението на Хрвати во Македонија кои се од католичка вероисповед до Уставниот суд поднеле барање за заштита на слободите и правата од член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, оспорувајќи ја Програмата за неработни денови за 2017 година, донесена од страна на Министерството за труд и социјална политика за која велат дека врши директна дискриминација на граѓаните по основ на верска припадност.

Членовите на Здружението во Барањето за заштита на слободите и правата истакнуваат дека како припадници на христијанството и на католичката вероисповед со Програмата за неработните денови за 2017 година не се ослободени од работа како православните христијани за Велики петок и дека тие, за разлика од православните христијани, треба да одат на работа, иако за нив, како што нагласуваат, значењето на Велики петок и празнувањето на овој ден се идентични како и за православните христијани.

„За нас од една страна, во 2017 година за времетраење на најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, неработен ден е единствено 17 април (понеделник) како втор ден Велигден. Додека од друга страна, за оние граѓани кои се христијани – припадници на православната вероисповед, за неработен ден во согласност со Програмата за неработни денови во 2017 година е прогласен и 14 април (петок) кој ден е Велики петок, петок пред Велигден, како и 17 април (понеделник) втор ден Велигден според православен календар“, велат подносителите на Иницијативата.

Со вака утврдената и донесена Програма, се подвлекува во Барањето до Уставниот суд, припадниците и припадничките на католичката вероисповед неосновано се ставени во понеповолна положба и се спречени и оневозможени моментите пред и за време на значајниот христијански празник да ги поминат на соодветен празничен начин, притоа добивајќи само еден неработен ден, наместо два неработни дена, како што е случај со припадниците на православната вероисповед.

Неоправдано нееднаквиот третман кој барателите го уживаат во предметниот случај, се вели во барањето, произлегува од фактот што за нив како католици, односно граѓани кои практикуваат католичка вероисповед, следува само еден неработен ден за време на споменатиот празник и тоа 17.4.2017 година – како втор ден на Велигден, а Велики петок – петок пред Велигден (14.4.2017 година), како ден од календарската година за нив претставува работен ден и тој ден не е опфатен и прогласен за неработен во Програмата донесена од Министерството за труд и социјална политика.

„Разлика помеѓу Велики петок кај католиците и православните граѓани нема, бидејќи значењето на овој празник е идентично за христијанската вероисповед – распетие на Исус Христос“, се нагласува во барањето до Уставниот суд.

Причината поради која се бара заштита на слободите и правата од член 110, алинеја 3 од Уставот на Република Македонија во предметниот случај, вели адвокатката Павлина Зефиќ, која е застапник на подносителите на барањето, е неуживањето еднаков третман во одбележувањето на празниците на припадниците на католичка вероисповед со припадниците на православна вероисповед, со што се сторени неколку повреди на уставни и законски одредби.

Имено, посочува Зефиќ, сторена е повреда на Уставот и тоа на член 9 од Уставот во однос на еднаквоста во слободите и правата на граѓаните и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и сторена е повреда на член 19 од Уставот во однос на слободата на вероисповед, која вклучува слободно применување и покажување одредена вера.

„Исто така, сторена е повреда на член 4 од Законот за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи (Сл. весник на РМ бр. 113/2007) во врска со забраната за верска дискриминација, но сторена е и повреда на Европската конвенција за човекови права и тоа на член 9 кој се однесува на слобода на совеста и  мислењето. Воедно, сторена е и повреда на член 14 од истата конвенција кој се однесува на забраната за дискриминација“, вели адвокатката Зефиќ.

„Во согласност со судската практика на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Франција и предметниот случај Сојуз на цркви ‘Словото на животот’ против Хрватска (апликација бр. 7798/08 од 9.12.2010 година), Судот зазел став што претставува дискриминација, конкретно по основ на верска припадност. Па така во параграфот бр. 85 од овој случај е утврдено дека ‘различен третман, без разумно и објективно оправдување, на лица кои се наоѓаат во слични ситуации претставува дискриминација’”, додава Зефиќ.

Подносителите на Барањето му предлагаат на Уставниот суд на Република Македонија, по одржувањето јавна расправа на која ќе бидат поканети учесниците во постапката и Народниот правобранител, да го прифати барањето, да утврди постоење повреда на слободи и права – заштита од дискриминација по основ на верска припадност и да ја укине Програмата со која е сторена повредата.

М.В