/ Прочитано:

2.850

Казна затвор за работодавачот што ќе побара од работникот да му врати износ од платата или од надоместоците

Четврток, 12 ноември 2015 – Кривична одговорност за неисплата на минимална плата и злоупотреба на минимална плата се предлага како соодветно решение за проблемот кој настанува во случаите кога работодавачите им ја исплатуваат минималната плата на работниците, а потоа им бараат да се вратат дел од сумата на парите што им се исплатени. Ова го предвидуваат новите измени на Кривичниот законик во делот на повредата на правата од работен  однос.

„Повредата на правата од работен однос претставува кривично дело согласно член 166 од Кривичниот законик на Република Македонија во кој што е предвидено дека повредата, одземањето или ограничувањето на правото што му припаѓа на работникот е кривично дело и за истото е предвидено соодветна казна“, се вели во образложението на измените на Кривичниот законик.

Со измените се предвидува дека тој што ќе побара од вработен  да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавецот, ќе се казни со затвor од три месеци до три години.  Се пропишува дека работодавачот кој на работник ќе му врачи отказ поради тоа што го пријавил работодавачот или дал исказ во својство на сведок за тоа дека му побарал на работникот да врати одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот или не го вратил износот, ќе се казни со  затвор од шест месеци до пет години. Работодавачот кој ќе ангажира лице со кое не е заснован работен однос согласно закон, ќе се казни со казна затвор до три години.

Во законското образложение се вели дека имајќи ги предвид новините во Законот за минимална плата со кои се воведуваат нови измени во насока на зајакнување на  механизмот за заштита на правата на работниците од неисплата на минимална плата и придонеси од плата, како најсоодветно решение се предлага дополнување на Кривичниот законик во членот 166 со нови 3 става кои се однесуваат на воведување на кривична одговорност за неисплата на минимална плата и злоупотреба на минимална плата.

Кривична одговорност за неисплата на минимална плата и злоупотреба на минимална плата се предлага како соодветно решение за проблемот кој настанува во случаите кога работодавачите им ја исплатуваат минималната плата на работниците, а потоа им бараат да се вратат дел од сумата на парите што им се исплатен.

„Исто така, тоа е и начин за стимулирање на работниците да ги пријават ваквите случаи и да се изнајде системско решение за ограничување на работодавачите при вршење на овие дејствија“, се вели во законското образложение.

Во Кривичниот законик за кривичното дело „Повреда на правата од работен однос“ се пропишува дека тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.Ако делото од овој член го стори правно лице,ќе се казни со парична казна.

 Во член  166 по ставот (1) се додаваат два нови става, кои гласат:

„(2) Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни  со затвор од три месеци до една година.

(3) Со казната од ставот (2) ќе се казни работодавачот кој на работник ќе му врачи отказ поради тоа што го пријавил работодавачот или дал исказ во својство на сведок за тоа дека му побарал на работникот да врати одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот или не го вратил износот.

Ставот (2) станува став (4).

М.В / veljanoskim@akademik.mk