Казнено правни аспекти на феноменот на семејното насилство
АВТОР: Златко Јакимовски, дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“, студент на постдипломски студии по казнено право
1. Феноменот на семејно насилство и потребата од превенција
Семејното насилство е иманентен феномен на секое општество без разлика на материјалната развиеност на човековата заедница, со мали разлики во обликот низ кој што се појавува. Оваа патолошка појава е латентен проблем на човековата цивилизација низ целокупниот нејзин развој. На ова кршење на човековите права in flagranti не е имуно ниту македонското општество. Семејното насилство првенствено како родово базирано насилство виси како Дамоклов меч над половата еднаквост. Една мини анкета од 100 испитаници на возраст помеѓу 20 и 25 години спроведена во текот на 2014 година, врз лицата кои што живеат на територијата на општина Бутел (Општината е избрана со намера бидејки етничко-религиозната карта на таа општина претставува Македонија во мало), генерираше фрапантни резултати. Само 13 испитаници одговорија негативно дека ниту директно ниту индиректно не биле запознаени со семејното насилство било како сведоци или жртви. Отука станува јасно дека е навистина безобразно да се говори за родова еднаковст во средина во која што е апликативна тезата дека „мажот е добар се додека не ме тепа“. Ниту една физичка или морална особина не претставува ексклузива на машкиот или женскиот пол. Затоа тука мора да доживее крах еден цел историско – културен образец кој што е патријахален, епски, анахрон, ксенофобичен, слеп и глув за другиот и времето во кое што живее.
2. Правна регулатива на семејното насилство
Иако првенствено претставува социолошки проблем, семејното насилство може да биде (колку-толку) сузбиено и со правни норми.
2.1 Меѓународна регулатива на семејното насилство
За поздравување се сериозните напорни на меѓународната заедница за правно регулирање на овој феномен. Најзначаен дострел претставува усвојувањето на „Конвенција за превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство“ популарно наречена „Истанбулска Конвенција“ која што беше усвоена од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа на 7.04.2011, и истата беше отворена за потпишување на 11.05.2011 на 121 сесија на Комитетот на министри во Истанбул. Турција е првата држава која што ја има потпишано и ратификувано оваа конвенција. До Јуни 2015 година 39 држави имаат пристапено кон оваа конвенција. Република Македонија истата ја има потпишано на 08.07.2011.
(*линк до интегралниот текст на Конвенцијата на македонски јазик: https://rm.coe.int/CoERMPublicCommonSearchServices/DisplayDCTMContent?documentId=090000168046253a)
2.2 Национално регулирање на семејното насилство
На законодавен план состојбата со семејното насилство во Р.Македонија е следната:
– За првпат поимот е внесен во Законот за Семејство (чл. 94-б став 2.) и во Кривичниот законик (чл. 122 став 21) во 2004 година, со измените на овие закони.
– Од септември 2014 година на сила е нов закон ЗАКОН ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО (Сл. Весник на РМ бр. 138/14) со одложена примена од 01.01.2015 година.
- Во преодните и завршни одредби на законот поточно во член 66 се вели дека престанува важењето на главата број VI од Законот за Семејството насловена како „Семејно насилство“.
- Двата закони содржат речиси идентични дефиниции кои што се доста широко поставени и го дефинираат семејното насилство како: Малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно поредување, полово или друго психичко или физичко насилство, со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеаат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи.
- Оваа вметнување на легална дефиниција во Кривичниот законик по пат на автентично толкување од страна на законодавецот го спасува кривичното право од ткн. бланкетни битија на кривичните дела кои што нужно би упатувале на нормите од другиот закон за да се утврди дали всушност определно кривично дело претставува дело извршено при семејно семејно насилство.
Имено во нашето општество полето на семејството од секогаш, законодавецот го набљудувал како определена приватна сфера, без разлика на тоа што тоа е можеби територијата каде што нечујно доаѓа до најголемо кршење на човековите права, нешто на што државата не смее да остане имуна. Нужно е да се напомене дека иако нов „ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО“ lex specialis би морал да доживее промени во определени сегменти. Механичкото следење на компаративните трендови зачинето со доза на легислативна миоптија генерираа одредби од стилот на Член 42 кој што се предвидува дека ќе се постапува според одребите Законот за Парнична постапка. Оваа одредба со едно логично толкување води до гол апсурд, имено во битието на самата парнична постапка е дека постојат две рамноправни странки, а ако при случајот на семејно насилство тие навистина биле рамноправни, за семејно насилство нема да може да стане збор. Очигледно е дека жртвата ја претставува послабата страна и држвата со сиот свој инструментариум би морала да застане на нејзината страна, односно нормата да се преформулира така што на местото на парнична постапка, да се вметне Законот за Кривична постапка. Елементот на приватност би можел доследно да биде запазен со вметнување на една општа одредба во КЗ каде би се предвидело дека гонењето за кривичните дела извршени при семејно насилство би било по предлог на жртвата!
2.3 Казнено правните аспекти на семејното насилство
Она што можеби најмногу буди интрига се казнено правните аспекти на семејното насилство. Кога сме на територијата на казненото материјално право вреди да се напомене дека семејното насилство покрај тоа што е дефинирано во општиот дел во член 122 став 21 од Кривичниот законик претставува отежнувачка околност што на делата им дава квалифициран облик, со изразито поостри казни. Така е кај казнените(кривични) дела Убиство од член 123 став 2 алинеа 2, Телесна повреда од член 130 став 2, Тешка Телесна повреда од член 131 став 2 итн. За илустрација кај основното дело на Убиство тој што друг ќе лиши од живот ќе се казни со затвор од најмалку 5 години – Став 1 ; додека Со затвор најмалку 10 години или со доживотен затвор ќе се казни тој што друг ќе лиши од живот при вршење на семејно насилство – Став 2 алинеа 2.
Можеби најболната точка на семејното насилство претставува силувањето во брак. Почетните ставови на законодавствата (XVII и XVIII век) биле на линијата дека не постои силување во бракот бидејки жената со влез во бракот однапред en block се согласува на сексуални односи. Британската феминистка Harriet Taylor уште во XIX век стои на ставот дека силувањето во бракот претставува груб двоен правен стандард и централна точкна на женската субординираност. Bertrand Russell во своето капитално дело „Бракот и Моралот“ вели: „Бракот за жената претставува најчест начин на живот, но вкупниот број на несакан секс во бракот е поголем од несаканиот секс во проституцијата.“ Онаму каде што нашиот законодавец останал покус е веројатно главата од кривичниот законик која што ги регулира казнените (кривични) дела против половата слобода и морал Глава XIX. Нашиот законодавец не направил решителен чекор да го квалифицира силувањето во брак (познато како Martial Rape, Spousal rape итн.) како што е случај со повеќето развиени држави.
- Меѓутоа непостоењето на квалифицирано дело силување во брак не значи дека елементот на семејно насилство во овој случај е безначаен, со самото тоа што овој поим е регулиран во општиот дел на Кривичниот Законик истиот поим е апликативен – меродавен кај секое посебно казнено (кривично) дело од посебниот дел. Елементот на семејното насилство во оваа ситуација нужно би морал да претставува отежнувачка околност со што казната во конкретниот случај би инклинирала кон посебниот законски максимум што за ова дело е 10 години!
3. Предлози de lege ferenda.
Од аспект на казненото право можеби е добро да се следи еден компаративен тренд на издвојување на казнените дела извршени при семејно насилство во една посебна глава од Кривичниот законик, кој со оглед на своите преку 30 измени од неговотo стапување на сила е зрел да биде заменет со потполно нов Кривичен законик, во кој што свое соодветно место би заземала и погореспоменатата глава на семејно кривични дела при семејно насилство. Меѓутоа соодветни измени во тој случај би морале да доживеат и определени општи институти на казненото право како например институтот од член 45 на КЗ насловен како Продолжено кривично дело, кој што би било пожелно да се укине, или поблагата варијатна на леглислативен рез би претставувало изречното предвидување дека неговата примена за кривичните дела чии што објект на заштита се јавува човекиот психо-физички хабитус во најширока можна смисла ќе биде исклучена, и во игра би дошле одредбите за реален стек. Имено во оваа ситуација на законодавна недореченост кривичните дела со елемент на семејно насилство кои што се повторуваат претставуваат идеален облик на продолжено кривично дело, затоа што имаме имаме исполнување како на постојаните конститутивни елементи на продолженото дело (идентитет на сторителот, истородност на делата, идентитет на заштитеното правно добро и временска поврзаност) така и променливите конститутивни елементи на продолженото дело (најчесто ист траен однос – брачна/вонбрачна/семејна заедница). Исклучувањето на примената на овој институт кај овие дела произлегува од евидентната разлика со имотните деликти, кои што се единствена точка на врзување на овој институт со современото казнено право. Имено ако некој некого поткраднува 10 пати по 100 парични единици, крајниот резултат би бил еднаков како и кај една кражба од 1000 парични единици, што не е случај кај делата на насилство ако некој некого повредува неколкупати во кратки временски интервали, и затоа тука би требало да постојат онолку дела колку што имаме дејствија на извршувње. Примената на овој анахрон институт на казненото право кај делата на семејно насилство (што во овој момент со едно буквално јазично толкување на чл. 45 од КЗ и тоа како не е исклучена!) доведува до безобразно привилигирачки третман на сторителот на семејно насилство што гледано низ примата на правата на жртвата е апсолутно неприфатливо!
Исто така правото и должноста за воспитување на детето од страна на родителот предвидено во член 46 став 2 од Законот за семејство никако не би смеел да се третира (или толерира) како основа исклучување на противправноста на делата кои што значат телесни повреди каде како жртва се јавува детето!
Објавено: 3.11.2015 / akademik@akademik.mk