/ Прочитано:

3.333

Кичево – Сорбона – АСНОМ: Д-р Владимир Полежиновски, талентираниот правник што ја создаде Асномската Декларација за основните права на граѓанинот

Колку историската асоцијација на потребата, идејата и правната филозофија за човековите права зрачи со својот легислативен симболизам во Македонија од универзален аспект, најдобро може да се види од делото на Д-р Владимир Полежиновски, авторот на Асномската Декларација за основните права на граѓанинот, создадена пред Универзалната декларација за човековите права на ОН.

Декларацијата за граѓанските права во Македонија е еден позначајните историски документи со извонредно правно значење. Инспирирана од Француската декларација за правата на човекот, а со налик и легислативно- филозофска инфлуентност како Американската декларација за независност, овој акт на јасен, краток и суштински начин ги рефлектира сите политички, социјални, етнички и економски права, според замислата на талентираниот правник од Кичево и докторот по правни науки од Сорбона – Владимир Полежиновски.

Од доктор на правни науки на Сорбона до Голи Оток

Д-р Владимир Полежиновски е роден на 30 мај 1913 година. Основното образование го завршил во Кичево, а гимназија во Битола во 1932 година. По завршување на гимназијата во 1932 година се запишал на Правниот факултет во Париз, каде што со успех ги завршил студиите.

Потоа одбранил и докторат на универзитетот Сорбона во март 1939 година на тема „Фондови за изедначување на девизните курсеви“.

За време на студиите во Париз активно се вклучил во студентското демократско движење, а во 1937 година станал и секретар на студентското друштво во Париз.

Во 1941 година се вклучил во антифашистичкото движење, кулминирајќи ја својата борба на патот од пушката до правната мисла преку создавање на правните акти на АСНОМ каде воедно бил и секретар.

По ослободувањето извршувал политичко-воени функции, но во 1951 година без судски процес бил лишен од слобода и протеран на Голи Оток, каде што останал се до  1954 година.

Владимир Полежиновски, авторот на Декларацијата на АСНОМ, поради нарушено здравје починал во 1980 година.

Според проф. д-р Новица Велјановски, Владимир Полежиновски, несомнено е едно од позначајните имиња во создавањето на АСНОМ и македонската државност.

„Се работи за исклучителен интелектуалец и правник кој своите способности најдобро ги изрази преку создавањето на правните акти на АСНОМ и затоа неговата историска улога има огромно значење и за македонската историја, но и за развојот на автентичната македонска правна мисла“,  потенцира професорот.

Декларација на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија – акт со универзални вредности за човековите права

Асномската декларација за човековите права е граѓанска и либерална декларација, создадена под влијание на Француската декларација за човековите права, изразувајќи ја европската мисла за слобода, типична за инклузивноста на европската либерална филозофија низ нормативните импликации врз правните системи, каде што се уредуваат основните права и слободи на човекот и граѓанинот во демократско општество. Тоа ја одразува изострената правнофилозофска перцепција на д-р Владимир Полежиновски, кој низ неа номотехнички го одразил духот на либералните европски тенденции, а чија цел требала да биде новата реалност како кауза на слободата, демократијата и правната држава.

Неговите прогресивни правнофилозофски погледи најпрецизно може да се спознаат во текстот на Декларацијата:

„1. Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповедание.

2. На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот.

3. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот.

4. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста.

5. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирането, договорот и слободата на дружението.

6. Изборното право на демократска Македонија го вршат избирачите со тајно гласуване на основание на општото, еднаквото, непосредното и личното изборно право.

7. Правото да избируат и да бидат избирани во сите изборни тела во народната власт (го) имајат секој граѓанин и секоја граѓанка кој се наполниле 18 години, ако не се провинени за некоје престапление. До дека траје Народно-ослободителната војна, по решение на АСНОМ, може да се отстапи от принципите на тајното и непосредното гласуване.

Малоумните лица, како и лицата кој се провинети по отношение на интересите на Народно-ослободителната војна, се лишават от правата по точка 5 и 1 на оваја декларација.

8. Должност и чест е на секој за оружје способен граѓанин, без разлика на Народно-ослободителната војска и партизанските одреди.

9. Се забранува и прогонуват сите фашиски и профашиски дејствија, оти се против слободата и независноста на братската заедница на народите во Југославија.

10. На секој граѓанин му е загарантирано правото на жалба против решениата на органите на власта по начин предвиден во законот. Секој граѓанин има право на молба и поплака кај сите државни власти.

11. Народната власт се старае да (ја) отстрани неписменоста и да ја подигне народната култура како и да осигура безплатна просвета.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 10. 12. 201