Кина и ЕУ влегуваат во трговска војна

Четврток, 6 јуни 2013 – Откако Европската комисија во вторникот реши да воведе антидампинг-тарифи за кинеските соларни панели, Кина го возвраќа ударот: антидампинг и антисубвенциска истрага против виното што од земјите-членки на Европската Унија се увезува на кинеска територија.

Пекинг отвори антидампинг и антисубвенциска истрага за виното што во Kина се увезува од земјите на Европската Унија без да даде објаснување до кога ќе трае испитувањето дали има дампинг кај европското вино и колку тоа е субвенционирано од земјите-производители или од ЕУ.  Кинеското Министерство за трговија соопшти дека официјален Пекинг настојува да го разреши ова прашање низ дијалог. Бараат од ЕУ да покаже „поголема флексибилност“ за наоѓање решение што ќе биде прифатливо и за двете страни.

„Кинеската влада и индустријата покажаа голема искреност и направија големи напори за решавање на проблемот преку дијалог и консултации. Се надеваме дека европската страна ќе покаже искреност и флексибилност и ќе најде решение прифатливо за двете страни“ , се наведува во соопштението на кинеското Министерство за трговија. 

Одлуката на Европската комисија, да воведе антидампинг-тарифи за кинеските соларни панели која стапува на сила денеска, беше донесена и покрај спротивставувањето на земјите-членки, предводено од Германија. 

„Денес Комисијата едногласно реши да воведе тарифи за Кина за да се спротивстави на извезувањето на соларни панели на европскиот пазар“, изјави комесарот на ЕУ за трговија, Карел Де Гухт, на конференција за печатот во Брисел.

ЕУ тврди дека цените на кинескиот пазар за соларни панели намерно се држат пониски од пазарните, со што, според Брисел, им се нанесува штета на регионалните производители.

Кина е најголемиот светски производител на соларни панели. Увозот на Унијата во 2011 година се проценува на 21 милијарда евра. Според еврокомесарот за трговија цената по која се продаваат кинеските панели во Европа би требало да биде за 88 отсто повисока од постојната. 

Како што Де Гухт најави, првобитните царини ќе бидат во висина од 11,8 отсто, по што на 6 август, ако дотогаш не дојде до постигнување договор, ќе скокнат на просечните 47,6 отсто. 

Kина и Европската Унија почнаа спор, кој лесно може да прерасне во вистинска трговска војна, оценуваат светските аналитичари.