/ Прочитано:

11.759

Киро Глигоров, член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, адвокат и прв претседател на самостојна Република Македонија

Денеска во Македонија се одбележуваат 100 години од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Киро Глигоров е роден во Штип во 1917 година. Дипломирал право на белградскиот Правен факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на Иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ.

Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандата, до ноември 1999 година.

На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. По повлекувањето од активниот политички живот, претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата која го носи неговото име.

Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. Почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст.

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, истакнуваат од Кабинетот на претседателот Георге Иванов, беше политичар кој остана влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста.

„Неговата смиреност придонесе Македонија да го изоди периодот на транзиција.  Такви лидери и политичари ни требаат на нас. Во овие времиња што сега ги имаме една таква мудра политичка личност сигурно би била од корист“, беше истакнато на денешниот настан во Општина Штип по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Глигоров.

Киро Глигоров е адвокат што е, како што нагласуваат историографите на македонската адвокатура, малку познато во јавноста. Развојот на македонската адвокатура го следи и развојот на независноста на државата. Законското етаблирање на македонската адвокатура во самостојна и суверена Македонија, врз основа на уставните определби, започнува во 1992 година преку подготовката и донесувањето на Закон за адвокатурата.

„Во јавноста, за личноста на Глигоров малку е познато дека е адвокат по образование, тој се перципираше во југословенското време како економски експерт. Правничкото образование Глигоров го завршува во 1939 година во Белград со дипломирање на Правниот факултет. Адвокатски стажант бил од 1942 до 1943 година. Стекнува свидетелство со теоретско-практичен државен испит заведен во државните архиви на Царството Бугарија – Министерството за правосудство во Софија, заведено со номер – број 2214 од 3 јуни 1943 година. Во таа година, во именикот на Скопскиот адвокатски колегиум се запишува како адвокат Киро Благоев-Глигоров, заведен со номер – број 59/43 од 9 јуни 1943 година. На 10 јуни пред Скопскиот адвокатски совет дава адвокатска заклетва“, посочува адвокатот Ставре Џиков во своите истражувања за историјата на македонската адвокатура.

М.В