/ Прочитано:

5.436

Ќатоски: Граѓаните се стекнуваат со право на надомест на штета предизвикана од кризната состојба со пасошите во државата

Деновиве актуелна е кризната состојба со обрасци за патни исправи – пасоши во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Во согласност со последните официјални податоци преостанати се уште 3.700 обрасци за пасоши, а има поднесено околу 16.500 барања по редовна постапка и 650 по итна постапка.

На голем дел од граѓаните кои навремено поднеле барање за издавање на пасош поради кризната состојба во надлежното министерство нема навремено да им биде изготвен нивниот пасош и со тоа ќе бидат принудени да го одложат своето патување.  Доколку со ваквото одлагање на своето патување врз граѓаните се нанесе штета, било да е тоа од материјална или од нематеријална природа, или комбинирана, тогаш тие ќе се стекнат со право на надомест на таа штета. Одговорен орган за надомест на ваквата штета ќе биде Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Во согласност со чл. 36, ст. 1 од Законот за патни исправи на државјаните на Р Македонија, „Патна исправа или виза се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето со доставена потребна документација.“ Оваа одредба алудира на обврската ресорното министерство да ја издаде бараната патна исправа во рок од 15 дена. Доколку со задоцнување, кое во овој случај е апсолутно по вина на Министерството, се нанесе некоја штета, тогаш во согласност со чл. 141 и 145 од Законот за облигациони односи одговорно за надомест на таа штета е самото министерство.

Адвокат Глигорие Ќатоски