/ Прочитано:

1.315

Ќе престане да важи Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка

Советот на Народната банка на Република Македонија одржа редовна седница, на која беше донесена Одлука за престанување на важењето на Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка.

Усвојувањето на оваа одлука, велат од НБРМ, следува по објавата за стапувањето во сила на Одлуката за премин во втора фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а е во насока на натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.

Како што претходно објави Академик, на 17 јануари Министерството за надворешни работи ја објави Одлуката за премин во втора фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки.

„Одлуката за премин во втора фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, согласно членот 5 (3) од Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена меѓу Европската заедница и нејзините земји членки, од една страна, и Република Македонија, од друга страна, донесена од страна на Советот за стабилизација и асоцијација со размена на писма на 10.7.2018 година и 26.11.2018 година во Брисел, е влезена во сила на 4 декември 2018 година“, објавуваат од Министерството за надворешни работи.

Преминот во втора фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините членки е особено важен од аспект на девизното работење, процената и супервизијата на осигурувањето.

Клучно е што со преминот во втората фаза се овозможува македонските државјани да може да вложуваат во недвижности во странство, како и  во хартии од вредност.

Имено, со преминот во втората фаза престануваат да важат законските забрани од Законот за девизно работење дека резидентите, односно македонските државјани не можат да вложуваат во недвижности во странство и дека  македонските државјани не можат да вложуваат во хартии од вредност во странство. Исто така, престанува да важи и забраната за издавање и регистрирање на странски должнички хартии од вредност во Република Македонија, со рок на доспевање над три години.

Во врска, пак, со Законот за процена, значајна новина е што, според законските одредби кои стапуваат во примена, процена ќе може да вршат и странски проценувач или странски стручни институции од државите членки на Европската Унија кои ги исполнуваат условите за вршење на процена во земјата во која се регистрирани.

Со преминот во втората фаза има значајни промени и во Законот за супервизија на осигурувањето, особено во поглед  на вложувањето на капиталот на друштвото за осигурување.

Една од целите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација е усогласување на законодавството со ЕУ-регулативите и постапно да се развива слободна трговска зона помеѓу ЕУ и Република Македонија.

Пречистените текстови на законите врз чии одредби има влијание преминувањето во втора фаза на процесот на стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница се објавени и може да се погледнат на akademika.com.mk.

Македонските државјани конечно слободни да стекнуваат недвижности и хартии од вредност во странство

M.В