/ Прочитано:

2.461

Ќе се формира нов Совет за стратегијата во правосудството, со кој ќе претседава премиерот Заев

Владата најавува дека до крајот на јануари ќе се формира ново тело „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за периодот 2017 – 2022“. Со новото тело ќе претседава претседателот на Владата, Зоран Заев. Минатиот месец  Владата донесе одлука и за формирање на Совет за реформа на јавната администрација, со кој, како што беше најавено, ќе раководи, исто така, претседателот на Владата.

Од Владата велат дека се задоволни од она што го има сработено Советот за реформи во правосудството. Новоформираното тело, велат од Владата, ќе продолжи со имплементацијата на реформите.

„Сега следува новата фаза, фазата 9 од Планот 3-6-9 за имплементација на оваа стратегија. Преминуваме на наредната фаза. На вчерашната владина седница премиерот Заев ги информираше министрите дека до крајот на јануари ќе се формира нов Совет за следење на имплементацијата на стратегијата за правосудството за период 2017 – 2022“, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Работата на Советот за реформи на правосудството беше јавно критикувана од негови членови, а помеѓу нив: извршниот директор на Хелсиншкиот комитет Македонија Уранија Пировска, универзитетскиот професорот Гордан Калајџиев и универзитетската професорка Мирјана Најчевска. Пировска, Калајџиев и Најчевска поднесоа оставки од Советот.

Професорот Калајџиев истакна дека Советот бил доста маргинализиран и дека, како што нагласи, имало некои чудни центри на моќ, кои работат на реформите без транспарентност. Според професорката Најчевска, пак, Советот служи само како параван за решенија кои се носат на друго место и за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството.

M.В