/ Прочитано:

1.259

Ќе се менува и Законот за финансиска дисциплина

Министерството за финасии подготвува измени на Законот за финасиска дисциплина. Со предложената измена се врши натамошно усогласување со Директивата за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции 2011/7/ЕУ, во делот на прецизирање дека условите од договорот не се значително неправедни и нефер кон доверителот, како и во делот на надоместокот за доцнење при исполнување на парични обврски.

Се предлага надзорот над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дисциплина кај економските оператори од приватниот сектор од Управата за јавни приходи да се пренесе на Државниот пазарен инспекторат.

Според актуелното законско решение, надзорот над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дисциплина кај економските оператори од приватниот сектор го врши Управата за јавни приходи, која е надлежна за утврдување, контрола и наплата на даноци или јавни давачки. Постапката за надзор над Законот за финансиска дисциплина, посочуваат од Министерството,  не претставува даночна контрола и со неа не се утврдува данок или јавна давачка.

Со Законот за финансиска дисциплина се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор заради спречување на неисполнување на паричните обврски во роковите утврдени во согласност со овој закон.

М.В