Ќе се менува Законот за Бирото за развој на образованието за ангажирање стручни лица во Бирото

Министерството за образование и наука подготвува измени на Законот за Бирото за развој на образованието.

Со Предлог-законот се врши усогласување на надлежностите на Бирото со другите закони кои ја тангираат неговата работа, како што се законите што го регулираат основното и средното образование, учебниците, статусот на наставниците и стручните соработници и сл.

„Со оглед на фактот дека развојот и унапредувањето на образованието се динамичен процес, во кој често се менуваат и унапредуваат стандардите, потребно е и Бирото за развој на образованието да ги следи овие трендови, односно да може да одговори на новите предизвици. Она што особено е важно во овој контекст е и фактот дека сегашниот закон не овозможува ангажирање на стручни лица кои ќе можат да ги извршуваат основните надлежности на Бирото. Имено, со самиот закон Бирото е дефинирано како стручен орган, а сите надлежности на Бирото се врзани со вршење на исклучително стручни работи во делот на образованието. Досегашната пракса во работата покажа дека на овие стручни работи не можат во целост да одговорат државни службеници поради што е неопходно да се ангажираат стручни лица“, посочуваат од МОН.

М.В