Ќе се менува Законот за личното име во врска со дигитализацијата на постапките
Во собраниска процедура со европско знаменце се предложени измени на Законот за личното име. Предлагач на измените е Владата. Законот за личното име го уредува личното име на граѓанинот, како негово лично право кое е запишано во матичната книга на родени. Со предложените изменувања на Законот за личното име, се образложува во Законот, се врши усогласување со процесот на дигитализација на процесите поврзани со постапките утврдени со закон.
„Имено, со донесување на Законот за електронско управување и електронски услуги (,,Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19 и 244/19), Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (*) (,,Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 101/19 и 275/19) и Законот за централен регистгар на население (,,Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19 и 275/19), извршена е хармонизација со Поглавје 10 на Европската Унија, што претставува основа за почеток на дигитализација во нашата држава. Наведените закони овозможуваат целосна имплементација на концептот е-Влада, на начин што обезбедуваат меѓусебна комуникација на институциите со бизнис секторот и со граѓаните.
Со цел хармонизирање на прописите од националното законодавство со наведените закони, како и целосно имплементирање на предвидените процеси за дигитализација во пракса, потребна е истовремена и координирана измена на повеќе прописи.
За таа цел, Министерството за внатрешни работи пристапи кон ревидирање на законите во своја надлежност во кои се уредени постапки со граѓани и правни лица во повеќе области од надлежност на Mинистерството, во насока на нивно целосно усогласување со системските закони за дигитализација, вклучувајќи го и предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за личното име“, се образложува во Предлог-законот.
М.В