/ Прочитано:

3.082

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување 

Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика  подготвуваат измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Целта на измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е да обезбеди постабилни приходи на Фондот за ПИОМ и Фондот за ЗОМ, како и пристап во системот на здравствено осигурување на децата со пречки во развојот и со специфични потреби доколку не се осигурени по друг основ, вклучување во социјално осигурување на лицата регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари и олеснување на финансискиот товар за лицата кои сакаат да ги остварат правата од здравственото осигурување, а не осигурени по еден од основите уредени во Законот.

„Заради потребата од обезбедување на стабилни приходи на Фондот за ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, со измените на законот се предлага зголемување на висината на стапките по кои се плаќаат придонесите. Законските измени произлегуваат и од потребата за: усогласување со одредбите од Законот за заштита на децата, овозможување на практично спроведување на одредбите од Законот за трговија на зелени пазари како и намалување на трошоците за лицата кои не се осигурени по ниеден основ и самите го плаќаат придонесот за здравствено осигурување“, образложуваат од Министерството за финансии.

Целта на измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е поволно членство во втор пензиски столб, усогласување со трошоците на живот и заменски стапки во согласност со распределбата на придонесот во прв и втор столб.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, образложуваат од МТСП,  се однесува на измена на одредбите кои дефинираат кои осигуреници се членови во втор пензиски столб, измена на начинот на усогласување на пензиите и интервенција во заменските стапки за пресметка на пензија.

Целта на Предлогот на Законот за изменување и дополнувања на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е да се пропише нов критериум за членство во втор пензиски столб, со што ќе се обезбеди учество во втор столб само за осигуреници за кои е поповолно.

„Со Предлогот на Закон за изменување и дополнувања на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување се предлага измена на влезниот критериум за членство во задолжителен пензиски фонд од втор пензиски столб, при што како влезен критериум за членство се предлага година на раѓање. На овој начин со возраста и со прецизирање на основот на осигурување се дефинира категоријата на осигурениците за кои е поволно членството во втор столб“, образложуваат од МТСП.

М.В