/ Прочитано:

1.805

Ќе се намалува бројот на предмети во училиштата

„Нашите ученици учат многу предмети, а имаат лоши знаења, еве и според последните истражувања на ПИСА. Зошто е тоа така?! Можеби токму поради тоа што имаат многу предмети. ‘Кој подеднакво знае сè, најчесто ништо не знае’, не напразно вели една латинска поговорка“, истакна денеска претседателот на Владата Зоран  Заев, на денешниот прв ден од конференцијата за поквалитетно образование.

Во насока на подобрување на образованието, Заев подвлече дека се подготвуваат законски измени и преземање мерки и активности во однос на учебниците, наставните програми и мотивацијата кај учениците и наставниците.

За таа цел, додаде Заев, се подготвува ревизија на наставните планови и програми, ревизија на учебниците и измени на законите што се однесуваат на образованието, а работите што треба да се променат се однесуваат на мотивација на наставниците и учениците, на креативноста во работата и учењето, на иницијативност, на инклузивност, на следење современи трендови во наставата и користење современи методи.

„Следната година ќе почне и опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, што ќе придонесе во практичната настава и за зголемување на интересот на учениците за наставните содржини. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати“, рече Заев.

Се фокусираме, додаде премиерот, кон квалитетно средно стручно образование, повеќе практика за подобри основи на знаењето. Не сите ученици сакаат да продолжат со високо образование.

„Во високото образование размислуваме да има и пократки студиски програми, од 3 години. Бидејќи се важни афинитетите на децата, ќе воведеме и механизми со кои ќе можеме да ги насочуваме децата кон она што го можат. Така може да развиваме талентирани генерации, од кои ќе добиеме квалитетна високообразовна научна сила, како и стручна работна сила“, истакна Заев.

„На претпријатијата, на пазарот на трудот, дали во Македонија, дали во Европа или во земји од светот, потребни се и едните и другите. Но суштинско во сето ова е да го зачуваме психофизичкото здравје на децата. Тоа ќе го постигнеме ако ги ослободиме децата од притисоците и стресот на оценувањето од раната возраст, што е исто така предмет на разгледување, како и преку воведувањето повеќе спорт во училиштата. Едно е јасно. Потребни се иновации во наставата. Образованието мора да биде приспособено кон потребите на учениците. Мора да го стимулираме интересот на децата за одредени области од најрана возраст, нивните способности за примена на знаењето, секој од нив да го даде најдоброто од себе, да го развива критичкото мислење што е клучно и за развојот на личноста, но и за развојот на општеството“, додаде Заев.

Потребата од ревизија на наставните содржини и учебници е нагласена и во истражувањето „Од бројки кон практика – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“. На презентацијата на истражувањето, министерката за образование и наука Рената Дескоска истакна дека во образованието се потребни измени на закони и подзаконски акти, но и промена на свеста и на пристапот кон учениците кој ќе значи поттикнување на нивната креативност, мотивираност, креативно мислење и критичко размислување. Да ги учиме децата, истакна Дескоска, како да размислуваат, а не што да размислуваат.

„Потребно е ревидирање на наставните програми. Тие би требало да водат грижа за обемноста на предвидениот материјал и да содржат и аспекти на приспособување на содржините на ученици со различни образовни потреби. Потребна е анализа на учебниците од аспект на поврзаноста на содржините со целите поставени во наставните програми. Наставниците имаат потреба и од дополнителни материјали и прирачници кои би можеле да ги употребуваат за да ги постигнат целите на наставата. За постигнување на високи резултати, особено е значајно да се одржува висока внатрешна мотивација за учење. Сепак, резултатите покажуваат дека мотивацијата на учениците во училиштата во Македонија во најголем степен е инструментална и речиси сите се согласуваат дека учат поради оценките, поради тоа што родителите покажуваат голем интерес за постигнатите оценки, а не за здобиените знаења“, се вели во истражувањето на Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“.

За квалитетно основно образование, потребни се јасни учебници и мотивирани ученици

ПЕТКИ ВО ДНЕВНИК – ЕДИНИЦИ НА ПИСА: Тркалезна маса за подобрување на квалитетот на основното образование

М.В