/ Прочитано:

3.328

ЌЕ СЕ ОСНОВА НОВ ДРЖАВЕН УНИВЕРЗИТЕТ „ДАМЈАН ГРУЕВ“: Предлог – закон за Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“

Владата на Република Македонија во Собранието на Република Македонија предложи Закон за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје.

akad 4

„Со Законот за  основање на универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ во Скопје, се основа нов државен универзитет од областа на националната одбрана, безбедност и мир во Република Македонија“, се вели во законското образложение.

Во образложението се вели дека целта на предложеното законско решение е задоволување на потребите од високостручни кадри од полето на националната одбрана, безбедност и мир, како и создавање на кадри за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Во законот се пропишува дека Универзитетот се основа со следните високообразовни единици во негов состав:

  1. Воена академија за копнена војска „Генерал Михаи­ло Апостолски“;
  2. Воздухопловна академија „8-ми Септември“;
  3. Факултет за безбедност „Никола Петров Русински“;
  4. Mедицински факултет „Др. Христо Татарчев“;
  5. Факултет за мировни студии и кризен менаџмент „Пере Тошев“;
  6. Правен факултет „Павел Шатев“
  7. Институт за командни и штабни функции и лидерство „Тодор Александров“ и
  8. Институт за информатички технологии и сајбер безбедност.

Во предложениот закон се вели дека на единиците на Универзитетот можат да се запишуваат питомци кои ги испол­ну­ваат следните општи услови да се државјани на Република Македонија; да положиле државна матура, меѓународна матура или завршен испит по завршено стручно средно образование со четиригодишно траење; да не се постари од 21 година, и да се психофизички способни.

„За доцент, вонреден и редовен професор по воените и воено-специјалистичките области (воени вештини) може да биде избрано и лице без научен степен доктор на науки, кое има завршено високо образование од втор циклус на студии од соодветно научно поле и специјалистички стручни студии за командни и штабни должности, признати остварувања кои се од особено значење за афирмација на воените и воено-техничките науки, во земјава и странство, успешно дејствување во соодветната воена област, како и способност за наставна работа“, се пропишува во предложеното законско решение.

Според предложеното законско решение, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, со денот на отпочнување со работа на Универзитетот, ќе продолжи да работи како единица на Универзитетот – Воена академија за копнена војска „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, со акредитираните студиски програми кои ги имала до денот на отпочнување со работа на Универзитетот.

M.В / veljanoskim@akademik.mk