/ Прочитано:

1.495

Ќе се ратификува Конвенцијата за ноќна работа, која содржи и одредби за заштита на мајчинството

Владата го разгледа и го утврди Предлог-законот за ратификација на Конвенцијата за ноќна работа, со која, меѓу другото, е уредено и работењето на жените ноќе, со тоа што Конвенцијата, која е донесена од Меѓународната организација на трудот, содржи одредби во насока на заштита на мајчинството.

Со Конвенцијата се елиминираат сите рестрикции на ноќната работа специфични за жените, освен оние кои се насочени кон заштита на женската улога за репродукција и нега на новороденчињата.

„Со оваа конвенција се подобруваат можностите на жените за вработување, односно се овозможува жената да има избор дали ќе работи ноќе или не. Истовремено, со ратификацијата на оваа конвенција ќе се зајакне водечкиот принцип на родова еднаквост и на тој начин ќе се отстрани ограничувањето на слободата на избор на работникот на работно време единствено на основа на пол“, посочуваат од Владата на РМ.

Во Конвенцијата за ноќна работа се наведува дека поимот ноќна работа значи секоја работа што се врши во временски период од најмалку седум последователни часа, вклучувајќи го временскиот интервал од полноќ до 5:00 часот наутро, што треба да се утврди од страна на надлежниот орган по консултации со најрепрезентативните организации на работодавачите и на работниците, или со колективни договори.

Изразот, пак, ноќен работник значи вработено лице чијашто работа бара вршење значителен број часови ноќна работа што надминуваат определена граница. Оваа граница се утврдува од страна на надлежниот орган по консултации со најрепрезентативните организации на работодавачите и на работниците, или со колективни договори.

M.В