/ Прочитано:

1.197

Ќе се зголемува свеста на младите за одржливиот развој и за вишокот безбедна храна што може да се реупотреби

„Ајде Македонија“ ќе ги едуцира учениците од средните училишта за целите за одржлив развој преку темата за отпад од храна и преку зајакнување на претприемачки вештини.

Кон крајот на јануари 2018 година, Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ ќе имплементира програма за учење преку практични примери и демонстрации која ќе ги насочува учениците од средното стручно образование за целите за одржлив развој.
Со зајакнување на претприемачките вештини, учениците во иднина ќе бидат подготвени да отворат „зелени работни места“.  Оваа програма ќе трае 6 месеци и ќе се оствари во две средни стручни училишта во Скопје.

Визијата со која тргнува овој проект е што помалку отпад од храна во Македонија. Сознанијата говорат дека во нашата земја има вишок безбедна храна што може да се реупотреби, да се рециклира и со неа да се постапува правилно.

Со програмата ќе се работи на зголемување на свеста кај младите за постоењето на целите на ОН за одржлив развој, а темата „Отпад од храна“ во контекст на Македонија ќе ги вклучи и чекорите што треба да се направат за решавање на овој тип проблем.
Ученичкиот ангажман ќе се фокусира не само на еколошките, на социјалните и на економските придобивки од спречувањето на отпадот од храна, туку и на можностите за развивање на вештини за начините на сопствено планирање и водење бизнис, со следење на  зелените принципи.

Овој проект се реализира со поддршка на програмата СЕЕДЛИНГ, која ја спроведува Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа во рамките на проектот: „Воведување на целите за одржлив развој во училиштата од Југоисточна Европа – СЕЕДЛИНГ“.

Програмата се финансира од Австриската развојна агенција, оперативната единица на Австриската соработка за меѓународен развој.