/ Прочитано:

1.847

„Ќе се жалам во Стразбур!“ — Европскиот суд сѐ попривлечна правна „атракција“ за Македонците

Расте бројот на македонските граѓани кои правдата ја бараат пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. Согласно официјалните податоци од Судот, бројот на доставени жалби против Македонија во 2013 година изнесувал 455, за разлика од 2012 кога таа бројка изнесувала 354. Овој тренд на зголемување на бројот на доставени жалби, според владиниот агент Костадин Богданов, пред сѐ, се должи на зголемената свест кај граѓаните за постоењето на можноста да се бара меѓународна судска заштита по исцрпување на сите домашни лекови. Она што е симптоматично, пак, е дека бројот на отфрлени жалби како несоновани се зголемува. Истовремено, Македонија по основ на пресуди и одлуки има обврска да исплати околу 482 илјади евра, што е втора најголема сума после онаа од 2010 година која изнесуваше  638.025 евра. 

Предметите во кои апликантите се жалат за неразумно траење на домашната постапка водена по старите законски решија се сѐ уште доминатни за Македонија пред Судот во Стразбур. Во моментов, заклучно со 31 декември минатата година, во ЕСЧП има 341 активна жалба од кои 140 се веќе доставени на одговор во Бирото за застапување на РМ пред овој Суд.

„Оваа состојба очекуваме многу брзо да се промени со оглед на фактот дека Врховниот суд веќе ефикасно постапува по ваквите жалбени наводи на домашен терен, особено за оние предмети кои започнале или биле довршени по старите законски процесни решенија и кои навистина траеле со години, а некои и со децении. Не треба да се заборават и новите законски решенија со кои значително се забрзаа новите постапки, па реално не очекуваме дека некој предмет кој се води по новите процесни правила ќе заглави во судовите со години и ќе биде основ за жалба пред Стразбур“, објаснува владиниот агент Костадин Богданов.

Од останатите предмети, генерално застапени се жалбени наводи за нефер судска постапка (еднаквост на „оружјата“, пристап до суд, правна сигурност), но има и такви кои се жалат на неактивноста на обвинителот по пријави против овластено службено лице, долгото траење на притворот, повреди на сопственоста (денационализација, експропријација), повреди на правото на семеен живот, правото на религија, правото на синдикално дејствување, дискриминација… 

Според Богданов, кај граѓаните се забележува поголема свесност за сите права кои ги штити Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и начинот на кој Судот во Стразбур ги толкува.

„Добиваме апликации во кои се содржани жалбени наводи за определени правни решенија кои постојат сега, но кои постоеле и пред 10 или 15 години, но сега за првпат некој апликант ја воочил манливоста на таквото решение благодарение на поголемата свесност за правата кои ги штити Конвенцијата. Истото се однесува и за повредите на Конвенцијата кои произлегуваат единствено од примената односно од имплементацијата на законските решенија. Сметам дека тоа е вистинскиот правец во кој треба да се движиме“, вели тој.

„Каратеристично е дека сѐ уште немаме добиено жалба по членот 10 од Конвенцијата односно слободата на изразување, иако во последниот период тоа беше наметнато како тема во јавноста“, оценува Богданов.

Меѓутоа, она што исто така се забележува е дека  паралелно со зголемениот број на жалби и се зголемува и бројот на отфрлени жалби.

„Тоа се жалби кои се очигледно неосновани, или се доставени вон рокот од 6 месеци, или жалителите не ги искористиле сите домашни правни средства. На пример, ако таа бројка на отфрлени жалби против Македонија во 2011 година била 318, во 2012 година е 546, во 2013 година биде 733. По овие предмети кои се отфрлени како недопуштени практично Судот не одлучува“, појаснува владиниот агент.

Во 2013 година против Македонија донесени се вкупно 122 одлуки и тоа 8 пресуди, 55 одлуки за пријателско решавање, 48 одлуки по еднострани декларации, 4 одлуки за недопуштеност и 7 одлуки за отфрлање по други основи. Од осумте пресуди кои биле донесени, во пет била констатирана повреда на правото на фер судење, во една правото на слобода, една правото на приватен живот и последната правото на сопственост. Вкупната сума која Македонија треба да ја исплати врз основа на повреда на човекови права за 2013 година изнесува 482.295 евра, што е значително зголемување во однос на 2012 кога оваа сума изнесуваше 339.830 евра.

Првата пресуда во 2014 година е пресуда која завршила „во корист“ на државата, односно Судот пресудил дека правото на сопственост на апликантите не било повредено.

Битни измени на Законите кои имаат директни допирни точки со Судот во Стразбур

Преобразба на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП во самостојно правно лице – предвидуваат измените на Законот за застапување на РМ пред ЕСЧП чија подготовка е во тек. Целта на измените е да се зголеми и неговата визибилност пред граѓаните и институциите. Измени се предвидуваат и во Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП, поточно на составот на Меѓуресорската комисија надлежна за преземање на мерки за извршување на пресудите.

„Во досегашниот состав на Комисијата доминираа претставници од министерствата односно од државната управа, но со оглед на структурата на пресудите од Стразбур во кои најчесто се констатирани повреди при постапувањата пред домашните судови, сметавме дека е поцелисходно во Комисијата да доминира „судската компонента“, па така предвидуваме во нејзината работа да се вклучат како редовни членови претседателите на четирите апелациони судови, претседателот на Вишиот управен суд и претседателот на Уставниот суд“, вели Богданов.

Дополнително, а со цел да се унапреди системот на заштита на човековите права во РМ,  во подготовка е и решение со кое ќе се предвиди предлог-општите акти пред да се достават до Владата односно Собранието на усвојување, а кои имаат влијание врз човековите права загарантирани со ЕСЧП, претходно задолжително да се достават до Бирото на мислење.

„На овој начин ќе бидеме во состојба да извршиме оцена на усогласеноста со актот кој се предлага од една страна со Конвенцијата и праксата на Судот во Стразбур од друга страна, при што евентуалната неусогласеност ќе може да се ремедира во фаза кога актот сѐ уште не започнал да произведува правни последици“, уверува владиниот агент.

Богданов, исто така посочува дека Министерството за надворешни работи и Министерството за правда се во завршни консултации околу ратификацијата на новите Протоколи кон Конвенцијата 15 и 16, со кои ќе се овозможи нашите највисоки судови при одлучување по конкретен предмет пред нив, директно да се обратат до Судот во Стразбур за советодавно мислење уште пред да ја донесат конечната одлука.

Публикацијата „Збиркa пресуди на ЕСЧП по членот 10 – слобода на изразување“, дистрибуирана до судиите

Во текот на 2013 година, Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, покрај својата основна обврска, беше инволвирано во поголем број други активности.

Имено, испечатена е збирка во два тома на македонски јазик од 70 релевантни пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на членот 10 од Конвенцијата, на повеќе од 2.500 страници. Збирката е дистрибуирана до сите првостепени и второстепени судови во РМ, како и до Врховниот суд на РМ за нејзина практична примена во тековните домашни предмети при експлицитно повикување на праксата на ЕСЧП во образложението на домашните судски одлуки од таа област.

Македонија, преку Бирото е вклучена во проект кој се однесува на изготвување на мини-худок база на сите досега преведени пресуди на македонски, српски, хрватски, босански и албански јазик. Проектот е предвидено да заврши до крајот на февруари. Целта на проектот е сите судии и други релевантни институции да имаат целосен и неограничен пристап до повеќе од 1.200 преведени пресуди од судот во Стразбур на петте јазици.

Владиниот агент, меѓу другото, беше назначен и за член на групата која работи на измени и дополнување на ЗКП, со цел да се ремедираат досегашните законски решенија кои беа причина за констатирани повреди на Конвенцијата во кривичната свера. Од страна на комисијата која работи на измените беа прифатени сите забелешки на ЗКП доставени од Бирото, при што се очекува истите да бидат преточени во нови законски решенија до крајот на годината чија што цел е да се превенираат нови системски повреди на Конвенцијата.


Автор: Елена Павловска / pavlovskae@akademik.mk Објавено: 17.02.2014