/ Прочитано:

1.796

Клеветата од аспект на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и примери од практиката на ЕСЧП

Адвокатската комора на Република Македонија, на 9 и 10 октомври во Битола, во соработка и со финансиска поддршка на Советот на Европа во рамките на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (ЈУФРЕКС), одржа обука на тема: „Клеветата од аспект на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и примери од практиката на ЕСЧП“.

Со поздравен збор обуката ја отвори претседателот на Адвокатската комора на РМ, Љубомир Михајловски, кој го истакна значењето на соработката на Комората со Советот на Европа, како и значењето од примената на Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд за човекови права пред националните судови, која иако формално не е извор на правото, претставува најзначајниот облик на толкувањето на Конвенцијата, а со тоа и на сите прописи кои по својата правна сила се под неа.

Предавачи на обуката беа Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и Никола Додевски, адвокат со долгогодишно искуство во областа. На учесниците во рамките на првиот ден им беше презентирана нормативната рамка во домашното право и практика, како и клеветата во меѓународното право и практиката на Европскиот суд за човекови права.

На обуката беше даден осврт и на односот: клеветата и јавните личности, како и на односот: клеветата и новинарите, а особен интерес меѓу учесниците предизвика прашањето во однос на интернет-порталите и различната практика во постапувањето на различни апелациони подрачја, како и практиката на ЕСЧП во однос на оваа проблематика.

Вториот ден од обуката беше посветен на практични вежби и на работа во групи, при што беа обработени повеќе случаи, како и на општите принципи на тужбата за клевета и одговор.

Обуката од страна на учесниците беше оценета како успешна, особено поради тоа што, како што беше акцентирано, беше спој на националното и меѓународното практично искуство на обучувачите.

М.В