Kлучни измени во хрватскиот Кривичен законик: Од психолози до адвокати, сите ќе мора да пријавуваат информации за планирање на кривично дело
Петок, 2 ноември 2012 – По директива на Европската Унија, Хрватите повторно со измени во Кривичниот законик. Овој пат, најавуваат клучни измени кои носат поригорозни казни за поседување на дрога и за комар. Новиот Кривичен законик ќе ги казнува сите за кои ќе се утврди дека знаеле дека некој ќе изврши кривично дело, а таа информација не ја пријавиле во полиција, тоа се однесува дури и на свештениците, психолозите и адвокатите. Измените се усвоени од Владата, деновиве треба да влезат во собраниска процедура.
Со последните измени на Kривичниот законик од 2011 година била исклучена кривичната одговорност за непријавување на информации за некое кривично дело, доколку тие се прибавени преку исповед пред адвокат, свештеник, психолог или друго службено лице кое по закон мора да чува службена тајна. Одредбата се однесувала на сите служени лица, освен ако при сторување на кривично дело жртвата е малолетно дете.
Новиот Кривичен законик ќе ги казнува сите за кои ќе се утврди дека знаеле дека некој ќе изврши кривично дело, а таа вредна информација не ја пријавиле во полиција, тоа се однесува дури и на свештениците и на адвокатите во однос на чувањето на службени тајни.
Поригорозни казни за поседување дрога, за продавање дрога на деца и до 15 години затвор
Во актуелниот законик се предвидени казни за поседување на дрога, но и за лицата што ја употребуваат. Праксата во Хрватска покажала дека на годишно ниво повеќе од 70% од случаите не се осудувани на затворска казна, туку поминуваат со прекршочни пријави. Па, со новите измени за да се избегне двојното процесуирање, кривично и прекршочно, се брише одредбата што се однесува на поседување на дрога за лична употреба.
Исто така, Хрватите ги прошириле и другите одредби што се однесуваат на производство на дрога, шверц и препродажба на дрога. Казната за производство, посредување и купопродажба на дрога е зголемена од 10 на 12 години затвор. Најтешката казна од 15 години затвор е предвидена за продажба на опојни дроги на малолетници, пред училишни дворови или во казнени иституции.
Возење глисер со голема брзина покрај брегот е кривично дело
Со новите измени, Хрватите очекуваат дека ќе се спречи дивеењето со глисери покрај плажите. Пропишана е затворска казна од 5 месеци до 6 години доколку учесниците во бродскиот сообраќај не ги почитуваат прописите според кои не смеат со голема брзина да се доближуваат до брегот. Доколку настане штета или смрт, тогаш казните се уште повисоки.