/ Прочитано:

2.095

Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата

Министерството за правда од денес го стави на јавна дебата Законот за измена и дополнување на Законот за спречување на корупцијата. Основната цел на овие измени на Законот е зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата.  Клучните новини во законските измени се:

1. СЕ ПРОШИРУВА НАДЛЕЖНОСТА НА ДКСК, СЕ ВОВЕДУВААТ НЕКОЛКУ НОВИ НАДЛЕЖНОСТИ НА ДКСК МЕЃУ КОИ И ИЗРЕЧНА И ПРЕЦИЗИРАНА НАДЛЕЖНОСТ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

1.1. Државната комисија ќе биде надлежна да ја следи и утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии.

Во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на политичка партија, Државната комисија по сопствена иницијатива ќе презема мерки за утврдување на фактичката состојба.

И доколку утврди дека сомневањата за незаконитост се основани, ќе треба да иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежни органи.

1.2. Покрај ова, ДКСК ќе има надлежност да донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и акционен план за нејзино остварување, кои ги подготвува врз основа на претходна анализа за ризиците за корупција и во согласност со методологија која ја изготвува пред започнување на процесот за нивна подготовка.

Оваа стратегија ја подготвува со учество на претставници на државни институции, здруженија, фондации и медиуми и ја доставува до Собранието на Република Македонија за усвојување. Исто така ќе има обврска да го следи спроведувањето на мерките од националната стратегија и да доставува годишен и завршен извештај за нејзиното спроведување до Собранието на Република Македонија.

1.3. ДКСК ќе покренува иницијатива пред надлежните органи за контрола на финансиско-материјалното работење во предметите по кои постапува, по извештаите на Државниот завод за ревизија за контрола на постапки кои укажуваат на незаконитости во материјално-финансиското работење на буџетски корисници;

1.4. ДКСК, исто така, ќе биде надлежна да:

–  подготвува анализи за ранливост од корупција во различни сектори;

– презема активности во насока на јакнење на личниот и институционалниот интегритет;

– донесува етички кодекс на членовите на Државната комисија и вработените во Секретаријатот на Државната комисија.

2. СЕ ПРЕЦИЗИРААТ ОБВРСКИТЕ НА ДРУГИТЕ ОРГАНИ КОИ ТРЕБА ДА ПОСТАПУВААТ ПО БАРАЊАТА И ПРЕДЛОЗИТЕ НА ДКСК, И ТОА:

2.1. Се прецизира правото на ДКСК да бара податоци за физички, но и правни лица од банки и други финансиски институции, при што доставувањето на бараните податоци нема да претставува повреда на банкарска тајна.

2.2. Се воведуваат конкретни обврски за органите до кои ДКСК покренала иницијатива за разрешување или преземање мерки за одговорност, како и органите пред кои е покрената иницијатива за контрола на финансиското работење. Овие органи се должни:

–  да ја известат Државната комисија за донесените одлуки по истите.

– или доколку сè уште не е донесена одлука, на барање на ДКСК, надлежните органи се должни да дадат информација за текот на постапувањето по иницијативите.

3. СЕ ПРЕДВИДУВА НОВ СОСТАВ НА ДКСК

Се предвидува ДКСК да биде составена од претседател и четири члена кои ги  именува  Собранието  на  Република Македонија, со мандат од  пет години,  без право на повторен избор во наредните пет години.

Од редот на членовите, претседателот и членовите на Државната комисија избираат заменик-претседател со мнозинство гласови, по принципот на ротација на секои шест месеци.

4. СЕ МЕНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА ИМЕНУВАЊЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ И ЧЛЕНОВИ НА ДКСК.

При тоа се понудени две алтернативи.

Во согласност со првата алтернатива, за претседател и членови на Државната комисија може  да  бидат  именувани  лица  кои  ги  исполнуваат следните услови:

– да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија;

– да има високо образование од областа на правните, политичките или економските науки;

– да има најмалку петнаесет години работно искуство во професијата, од кои најмалку десет години работно искуство во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување (за претседател), односно дванаесет години во професијата, а осум во соодветните области (за член);

– да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност сврзани со стекнување, располагање, користење, управување и ракување со имот;

– во последните десет години да не бил пратеник, член на Влада и да не вршел функција во органи на политичка партија и

– да даде изјава дека ќе прифати постапка за проверка на интегритетот, доколку биде избран.

Во согласност со втората  алтернатива, за претседател, односно член на Државната комисија може  да  биде  именувано  лице  кое  ги  исполнува следните услови:

– да е државјанин на Република Македонија и да има постојано место на живеење во Република Македонија;

– да има високо образование од областа на правните, политичките, економските или комуниколошките науки;

– да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование за претседател, односно осум години за член,

– да има искуство во откривање на случаи на корупција, во спречување на корупцијата, во областа на владеење на правото или во областа на доброто управување;

– да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност сврзани со стекнување, располагање, користење, управување и ракување со имот;

– во последните десет години да не бил пратеник или член на Влада и да не вршел функција во органи на политичка партија и

– да даде изјава дека ќе прифати постапка за проверка на интегритетот, доколку биде избран.

7. СЕ МЕНУВА ПОСТАПКАТА ЗА ИЗБОР НА ДКСК

Претседателот и членовите на Државната комисија се избираат на јавен оглас кој го објавува Собранието на Република Македонија. Огласот се објавува во „Службен весник на Република Македонија”, во најмалку три дневни весници и на интернет-страницата на Собранието на Република Македонија и на Државната комисија.

Листата на пријавени кандидати во целост се објавува на веб-страницата на Собранието, со податоци за исполнетоста на условите.

Во рок од десет дена од утврдувањето на листата на кандидати кои ги исполнуваат условите, се организира интервју на кандидатите за претседател на Државната комисија и на кандидатите за членови на Државната комисија. Интервјуто се пренесува на Собранискиот канал.

Интервјуто го спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија. Во интервјуто учествуваат и претставници на граѓански организации, со пет годишно искуство во областите владеење на право, добро управување и спречување на корупцијата и новинарските здруженија кои изразиле интерес за тоа и кои имаат право да им поставуваат прашања на кандидатите.

По интервјуто Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија утврдува единствена предлог-листа за претседател и членови на Државната комисија, со образложение за секој кандидат, и ја доставува до Собранието на Република Македонија.

6. СЕ ПРЕЦИЗИРААТ ОСНОВИТЕ И ПОСТАПКАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДКСК

Предвидени се два вида на основи за престанок на мандатот. Едните се кога мандатот престанува со констатирање на настапување на одредени услови, како што се: оставка, смрт, осуда на затвор од најмалку шест месеци.

Другата група се основи за разрешување доколку се утврди дека не биле исполнети условите за избор или се стори потешка повреда на одредбите од овој закон, етичкиот кодекс и деловникот за работа на ДКСК.

7. СЕ ПРЕДВИДУВА ГОДИШНА КОНТРОЛА НА ИМОТНАТА СОСТОЈБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ И НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДКСК

Постапката за проверка на анкетниот лист и пријавата за промена на имотната состојба доставени од претседателот и од членовите на Државната комисија задолжително се спроведува секоја година.

Постапката ја води претседателот на Државната комисија, а за исходот од проверката го известува претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

Исто така, Комисијата  за  прашања  на  изборите  и  именувањата  на  Собранието  на  Република Македонија може да поднесе до Управата за јавни приходи барање  за  испитување  на  имотната  состојба  на  член  на  ДКСК.

8. СЕ ПРОШИРУВА КРУГОТ НА ЛИЦА ЧИЈА ИМОТНА СОСТОЈБА СЕ КОНТРОЛИРА ОД СТРАНА НА ДКСК.

Покрај сите избрани и именувани лица, одговорни лица во јавно претпријатие, јавна установа и друго правно лице кое располага со државен капитал се предвидува и нотарите и извршителите да поднесуваат анкетен лист до ДКСК и Управата за јавни приходи и изјава за откажување од банкарска тајна.

Министерката за правда ги образложи измените на Законот за спречување на корупцијата за кои ќе има јавна дебата

M.В