/ Прочитано:

1.075

Клучот за економски развој е во развојот на приватниот сектор, истакнуваат компаниите

Клучот за економски развој на земјата е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да креира производи и услуги со повисока додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, поточно да ги задоволува  стандардите на земјата во која се извезува. За да се постигне тоа, потребен е поволен деловен амбиент, кој ќе ја поттикне иновативноста на домашните компании, а воедно ќе го поддржи и внесувањето на нови технологии, беше заклучокот на денешната прес-конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Потпретседателот на Сојузот, Габриела Кулебанова, истакна дека конкурентноста на македонското стопанство најдобро се огледа преку извозот на македонските производи.

„Концентрацијата на извозот кај многу мал број компании и денес е многу голема. Според податоците од Државниот завод за статистика во Македонија само 3.500 компании извезуваат,  тоа е околу 5% од вкупниот број на активни трговски друштва во земјава. Најголем дел од фирмите кои извезуваат или 2.835 фирми се микро и мали, а само 110 од извозниците се големи компании кои имаат над 250 вработени. Но, иако се малку на број, големите извозни компании создаваат најголем дел, или 80% од вкупниот извоз на државата. Ова јасно покажува дека најголем дел од македонските компании, пред сè малите и средни претпријатија, немаат можности за инвестирање во иновации и технологија и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да можат да остваруваат извоз. Во насока на стимулирање на  иновативноста и технолошката конкурентност, постојат низа мерки, како: даночни ослободувања за модернизација и нови технологии, користење на одредени фондови за набавка на нова опрема, како и стимулирање на партнерства со странските инвеститори кои во голема мера може да пренесат знаење и внесување на нови технологии кај домашните компании“, изјави Кулебанова и додаде дека треба поагресивно да се стимулира воведувањето и примената на нова технологија и да се наградува ангажирањето на домашни иноватори.

Во согласност со извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум (СЕФ), всушност, најконкурентни се токму оние економии кои се извозно ориентирани, најиновативни и технолошки најподготвени. Подобрување на конкурентноста на македонските производи преку креирање на уникатен производ со додадена вредност може да создаде врвен производ за избраните извозни пазари како ефективен начини за зголемување на БДП.

„Како мала економија, нашиот фокус за успех треба да го насочиме кон тоа како да ја искористиме интелигенцијата со примена на иновации и технологија. Квалитетните и оригинални производи, амбалажа, стандардизација  и подготвеноста да се задоволат специфичните барања на купувачите, како и следењето на истражувањата и трендовите во одредена индустрија се неколку аспекти за зголемување на побарувачката и извозот. Учеството на извозот во БДП, кое е нешто над 50%, треба да се зголеми, а за тоа е неопходно значително подобрување на капацитетите на одредени сектори.  Во согласност со анализите, производи и услуги со поголема додадена вредност може да се креираат во сите сектори, почнувајќи од ИКТ, иновативно земјоделство, мали индустриски капацитети, пред сè прехранбени, кои ќе креираат уникатен производ со конкурентна цена. Иновативните бизниси се обично со зголемен ризик при нивното формирање, но и со потенцијална можна зголемена добивка.  Затоа треба да се овозможи соодветен амбиент каде што изворите на финансирање би им биле достапни на овие компании. Во таа насока формирање фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за стимулирање на извозот и на извозно ориентираните компании ќе биде стимул за приватниот сектор, изјави Даниела Николовска, член на Сојузот, и додаде дека новите креативни производи и услуги се единствен начин за брз развој на државата.

Адекватната поддршка и развојот на малите и средните компании може да ја зголемат нивната конкурентност, кои се 99,7% од вкупниот број регистрирани компании во земјата. Според последните податоци на ДЗС, за период јануари – ноември 2018, вкупниот извоз е над 5 милијарди евра и бележи пораст од 16,7 % во однос на истиот период од претходната година.  Најголем трговски партнер е Германија, со која Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.

М.В