/Прочитано:

1.835

Договор за градење во македонското и во споредбеното право

Книгата со наслов „Договор за градење во македонското и во споредбеното право” претставува сеопфатен труд  од авторот д-р Дарко Спасевски, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, во кој детално се анализира правната поставеност на договорот за градење според правото на Република Македонија и меѓународните правни правила. Во рамките на трудот авторот дава сублимиран приказ на правилата што го детерминираат договорот за градење во согласност со Законот за облигационите односи, Законот за градење, како и Посебните узанси за градење.

Напоредно со проследувањето на домашните правни правила, авторот својот интерес го насочува и кон правилата со меѓународен карактер, како што се општите услови за договорите за градење изработени од страна на ФИДИЦ (FIDIC).  Авторот им посветува посебно внимание на следните правила од правилата на ФИДИЦ (FIDIC): а. Услови на договорот за градење (Conditions of Contract for Construction) од 1999 година (или т.н. црвена книга); б. Услови на договорот за изведба и проектирање на погони (Conditions of Contract for Plant and Design-Built) од 1999 година (или т.н. жолта книга); в. Услови на договорот за градење со одредба „клуч во рака” (Conditions of Contract for EPC/Turnkey Projects) од 1999 година (или т.н. сребрена книга); г. Кратка форма на договор (The Short Form of Contract) од 1999 година (или т.н. зелена книга).

Во оваа книга детално се разработени неколку клучни прашања кои го детерминираат договорот за градење. Прво, се дефинираат односите што се воспоставуваат меѓу инвеститорот и изведувачот.Понатаму, авторот посебно внимание им посветува на правилата со кои се определуваат: позицијата на подизведувачот, правилата за избор на подизведувач, неговите односи со изведувачот и инвеститорот, како и неговите клучни права и обврски.

Клучни прашања кои се најчеста причина за појавување на спорови кај договорите за градење се цената, нејзиниот однос со дополнителните и непредвидените работи, како и рокот за завршување на работите, односно правилата и условите за негово продолжување.

Авторот посветува посебно внимание на влијанието на следните категории работи врз договорениот обем на работи, и тоа: кусоци на работи, вишоци на работи, дополнителни работи и непредвидени работи. Секоја од овие категории работи влијаат на опсегот на работите. Некои од нив влијаат само на промена на опсегот на работите според обемот, додека некои влијаат и во промена на видот на работите. Овие категории работи со себе повлекуваат и две многу важни прашања, а тоа е нивното влијание врз цената на работите и врз рокот за изведување на работите.