Коалицијата „Сега“ го промовираше проектот за вработување на млади лица, корисници на социјална помош
„По детални анализи и истражувања, констатиравме дека институциите и граѓанскиот сектор мора да креираат соодветни стратегии коишто ќе им помогнат на младите, корисници на социјална помош да се вработат. Во насока на поддршка на вработливоста на овие млади луѓе, во институциите и во граѓанскиот сектор има 20 обучувачи кои ќе бидат на располагање во наредниот период“, нагласи Зоран Илиевски, извршен директор на коалицијата „Сега“.
„Отворена врата – за млади од млади“ е проект за подобрување на социјалната инклузија преку јакнење на вработливоста што денеска го промовираше коалицијата „Сега“. Во него се вклучени 80 лица од повеќе градови од Македонија, односно од Скопје, Битола, Прилеп, Штип, чии семејства се корисници на социјална помош.
„4.000 млади луѓе се корисници на социјална помош, а тоа според нас е фрапантна бројка на лица кои никогаш не помислиле да излезат на пазарот на трудот. По детални анализи и истражувања, констатиравме дека институциите и граѓанскиот сектор мора да креираат соодветни стратегии коишто ќе им помогнат на овие лица да се вработат. Во насока на поддршка на вработливоста на овие млади луѓе, во институциите и во граѓанскиот сектор има 20 обучувачи кои ќе бидат на располагање во наредниот период“, нагласи Зоран Илиевски, извршен директор на коалицијата „Сега“.
Илиевски рече дека резултатите од нивните истражувања покажуваат дека голем број од младите луѓе се откажале по првото работно искуство, бидејќи увиделе дека немаат вештини за работното место, што всушност ги демотивирало да побараат нова работа.
„Имајќи предвид дека се работи за многу специфична целна група, овие млади луѓе се најчесто во затворени семејства кои долго време користат социјална помош и како такви никогаш немале можност да работат. Со проектот овозможивме да ја промениме свеста кај овие млади луѓе, да станат свесни дека влегувањето во работниот живот обезбедува не само материјални средства туку и можност за социјализација и давање придонес и на државата“, рече Илиевски.
Инаку, 65 проценти од младите лица-социјални случаи имаат завршено средно образование. Голем дел од нив се припадници на ромската етничка заедница.
Катерина Јовановска од коалицијата „Сега“ истакна дека резултатите од нивното истражување укажуваат на тоа дека клучно за ранливите категории млади луѓе, за да излезат на пазарот на трудот, покрај образованието, е тие да се стекнат и со дополнителни вештини.
А. Б.