/ Прочитано:

1.121

Сведоци ги побиваат тврдењата на параолимпиецот Писториус – велат слушнале кавга, па врисоци и пукање

Среда, 20 февруари 2013/15:30 – Познатиот атлетичат Оскар Писториус сепак и денеска останува во притвор, одлучи судот во градот Преторија, Јужноафриканска Република. Судењето продолжува утре, а се очекува судот да одлучи дали Писториус ќе остане зад решетки или ќе биде пуштен со кауција. Параолимпиецот е соочен со доживотна казна затвор, околу него седи адвокатски тим составен од врвни експерти.

Шефот на истрагата Хилтон Бота во понатамошното сведочење рече дека во домот на Писториус пронашол две кутии тестостерон, игли и инјекции. Во сефот во спалната соба полицијата пронашла и кутии со куршуми калибар 0.38 за кои Писториус не поседува дозвола, па најверојатно ќе биде обвинет и за нелегално поседување куршуми. Бота објасни како е убиена познатата манекенка, еден куршум завршил во нејзиниот лакт при што и ја скршил раката, друг куршум завршил во десната страна во нејзината глава, а последниот е пронајден во нејзиниот колк.

Писториус вчера тврдеше дека кога пукал било мрак, но неговиот сосед кој дал изјава во полициска станица рекол дека кога се слушнале истрелите се гледало запалено светло во неговиот стан.

12:45 – Параолимпиецот Оскар Писториус денеска се врати во судница. Во меѓувреме сведоци потврдија дека слушнале викотници и истрели кои доаѓале од домот на Писториус.

Како сведок се појави шефот на истрагата Хилтон Бота кој прв стигнал на местото на злосторството. На судот му појасни дека постои сведок кој вечерта меѓу 02:00 и 03:00 часот на 14.02.2013 слушал викотници кои доаѓаат од станот на Писториус, при што дал изјава на полицијата. Според исказот на сведокот, тој се упатил до балконот, слушнал неколкукратно врескање на жена, а потоа и испукување на неколку куршуми.

Писториус вчера тврдеше дека пред убиството тој со својата девојка  Рива Стенкамп лежел во креветот, немало расправии, се додека не помислил дека провалник влегол во бањата.

Шефот на истрагата појасни дека во домот на Писториус пристигнал околу 04:15 часот. Ја нашол жртвата облеана во крв која не покажувала знаци на живот, спружена на подот во бањата. Била покриена со пешкири, на себе носела бели кратки пантолони и црн елек.

11:00 – Обвинителството сликовито преку визуелна скица укажа на убиство со умисла. За стореното кривично дело рече дека ќе бара доживотен затвор.

„Вратите биле заклучени, за тоа нема сомнеж. Приоѓам на седум метри и ја убивам. Мотивот е: Сакам да ја убијам! И тоа е тоа!“, сликовито обвинителот ја раскажа нивната верзија.

Одбраната децидна дека околностите на убиството се нејасни, односно дека Писториус мислел дека се работи за провалник незнаејќи дека Стенкамп е заклучена во бањата.

– „Се што знаеме е дека била заклучена во тоалетот и дека е застрелана. Тоа е тоа“, рече Рокс во судницата.