/ Прочитано:

1.027

Кодошките откритија наголемо отвораат морална дилема: легалноста мора да најде своја трајна врска со моралноста

Меѓународната информативна платформа „Викиликс“, минатата недела објави, според свои процени, околу 1,7 милиони дипломатски депеши и документи на американската влада во периодот од 1973 до 1976 година. Во повеќе од триста се најдоа информации и за Македонија, во кои детално се разгледуваат политичкиот и стопанскиот развој на земјата, тогаш како дел од социјалистичка Југославија. Информативните платформи, како што е „Викиликс“, со своите кодошки откритија постепено добиваат функција на поттикнувач на зајакната транспарентност во глобалните општества. Иако сѐ уште не е сигурно каков општествен одраз ќе има ова „кодошко“ откривање доверливи информации, неговата дејност наголемо ја отвора моралната дилема за односот помеѓу легалноста и моралноста. Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, ја истакнува потребата од балансирање на интересите на страните инволвирани во проблемот со објавени тајни депеши.

„Викиликс“ го откри ужасот зад воените дејства на американските сили во војната во Ирак вон традиционалните новинарски канали контролирани од звучни стопански или политички магнати и настрана од пропагандниот материјал разнесуван од завојуваните страни. Џулијан Асанж, директорот на „Викиликс“, од една страна беше предложен за Нобеловата награда за мир, додека од друга е прогонуван и нашироко сметан за непожелна личност. „Ватиликс“ ја растресе католичката империја стара 2000 години. Нејзиниот челник, наспроти востановената црковна традиција, поднесе оставка, што укажува на фактот дека со обелоденувањето на скандалозните практики во репрезентативниот и административен центар на Римокатоличката црква притисокот почнал да расте навнатре. На ова му уследи доаѓањето на нов папа, чија света обврска ќе биде да им се посвети на сиромашните и да го реформира црковниот апарат. „Врониплаг“, пак, ги откри „далаверите“ во германската академска средина, водејќи кон одземање на титулите на лицата што стекнале докторско звање со академски плагијати. Во пресек на проблематиката, Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, ја истакнува потребата од балансирање на интересите на страните инволвирани во проблемот со објавени тајни депеши.

„Не е можно да се најде единствен одговор во врска со овој предизвик. Секоја откриена тајна има своја тежина, така што е исклучително тешко да се одмери еднаш засекогаш кои закони или правила би можеле да се прекршат за да се открие извесна вистина. Станува збор за равенка со две променливи: од една страна треба да се разгледа колку може објавата да му наштети на јавниот интерес, а од друга колку ќе бидат загрозени интересите на страните инволвирани во случајот. Иако контекстот се разликува од случај до случај, најбитно е да се воспостави рамнотежа меѓу интересите, да се изврши добра проценка на тежината на доставените тајни информации. Ова може да биде од особена важност кога постојат сомнежи за вмешаност на една држава во заткулисни дејствија, па за да се дојде до соодветен одговор на предизвикот произлезен од можното објавување депеши, мора да се запазат природата и деликатноста на проблемот, при што исходот, во зависност од околностите, ќе биде различен од држава до држава“, објаснува Калајџиев.

Да се објават службени информации со доверлива природа значи да се направи забранетото што поединци, како оние на „Викиликс“, „Ватиликс“, „Врониплаг“ и најскорашниот пример, „Офшорликс“, го сметаат за правилно. Од тој гледен агол, откривањето се смета за идеал, а откривачот на тајните за идеалист. Тие, безмалку, се апостоли на вистината, но ги оправдува ли целта средствата? Што да се стори кога силата на законот и правичноста на дејството си противречат, кога легалноста и моралот се разединуваат? Ова прашање сѐ пожестоко го наметнуваат сѐ почестите акциите на објавување депеши. Во денешните услови на изразита индивидуалност и на слобода, многумина би излегле со ставот оти понекогаш мора да се прекрши одреден закон, едноставно, за да се следи совеста, да се премине преку нечија заповед за да се одбрани човечноста.

Во правниот свет, легитимната цел не го прави нелегитимното средство легитимно, но сѐ поголем број луѓе веруваат дека ако постои вистинска причина, треба да се направи погрешното, како на пример: откривање воени тајни во случај кога војската го пречекорува својот одбранбен мандат, каков што беше примерот со американските снаги во Ирак; кога на судско рочиште се користат нелегално прибавени податоци за да се  открие високоразвиен криминал или, пак, кога новинарот, како медијатор помеѓу државата и јавноста, е доведен во недоумица дали да пренесе државна тајна искажана во судница за да се оствари една повисока цел: да се дојде до вистината за која се врзуваат цел сплет настани. Независно од својот изолиран контекст, ваквите потези на пропуштање доверливи информации ја издигнуваат скалило погоре етичката дилема: не е доволно само да се носат закони, мора да се брани и моралот што лежи во нивната основа. Единствено тогаш законите ќе можат да ја исполнат својата цел, да го уредат општеството.

Моралноста и легалноста треба да најдат своја трајна врска. Во спротивно, иднината ќе засведочи сѐ повеќе умислено откриени тајни, зашто таквиот потег е полесен од кога било. Ако се земе предвид дека социјалните мрежи во денешни услови дословно ја „ложат“ потребата од постојано „разголување“ на општествата, многумина што се занимаваат со откривање службени тајни се чувствуваат правични и сметаат оти моралот го имаат на своја страна. Сепак, тие забораваат дека моралот и законот не се строги противречности — зашто законот почива врз моралот. Следствено, оној што ги игнорира законите за да стори нешто „добро“, во исто време го поткопува „доброто“. Оттука, иднината на глобалното општество во многу погледи се чини оти ќе биде непријатна. Во тоа, пак, лежи неговата шанса: дека јасно ја согледало моралната дилема, дека секој негов чинител јасно ќе се запраша дали ќе се вмеша во откривањето на вистината или ќе се држи настрана; дали ќе молчи или ќе прозборува. Интересноста на проблематиката останува на високо ниво и допрва ќе добива широки размери: колку зголемениот квантитет на протечени тајни ќе го измени квалитетот на свеста во глобалното општествo останува прашалник со завидна тежина.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 17.04.2013