Кога е задолжително да се определи офицер за заштита на личните податоци
Офицерот за заштита на личните податоци, како што дефинира Законот, е овластено лице за заштита на личните податоци.
Контролорот и обработувачот, се пропишува во Законот за заштита на личните податоци, се должни да определат овластено лице за заштита на личните податоци (офицер за заштита на личните податоци) во секој случај кога:
(а) обработката се врши од страна на орган на државна власт, освен за судовите кога постапуваат во рамките на нивните надлежности, а кои ќе определат офицер за друга обработка на личните податоци која се врши согласно со закон;
(б) основните активности на контролорот или обработувачот се состојат од операции за обработка, кои поради својата природа, опсег и/или цели бараат во голема мера редовно и систематско следење на субјектите на лични податоци или
(в) основните активности на контролорот или обработувачот се состојат од обемна обработка на посебни категории на лични податоци или лични податоци поврзани со казнени осуди и казнени дела.
Што е контролор, а што обработувач на лични податоци?
„Контролор“ е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци, а кога целите и начинот на обработка на личните податоци се утврдени со закон, со истиот закон се определуваат контролорот или посебните критериуми за негово определување.
„Обработувач на збирка на лични податоци“ е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело кое ги обработува личните податоци во име на контролорот.
Дали група на правни лица може да определат еден офицер?
Група на правни лица може да определат еден офицер за заштита на личните податоци, под услов офицерот за заштита на лични податоци да биде лесно достапен за секое правно лице во рамки на групата, Агенцијата и субјектите на лични податоци.
Кога контролорот или обработувачот е орган на државна управа, еден офицер за заштита на личните податоци може да биде определен за неколку органи во состав, земајќи ја предвид нивната организациска структура и големина.
Покрај овие наведени случаи, контролорот или обработувачот или здруженија и други тела што ги претставуваат категориите на контролори или обработувачи може да определат офицер за заштита на личните податоци. Офицерот за заштита на личните податоци може да ги извршува задачите за тоа здружение или друго тело кое ги претставува контролорите и обработувачите.
Кое лице може да биде определено за офицер?
Офицерот за заштита на личните податоци се определува врз основа на неговите стручни квалификации, а особено врз основа на стручни знаења за легислативата и практиките во областа на заштитата на личните податоци, како и неговата способност да ги извршува работите наведени во членот 43 од овој закон.
За офицер за заштита на личните податоци се определува лицe коe:
– ги исполнува условите за вработување определени со овој и со друг закон,
– активно го користи македонскиот јазик,
– во моментот на определувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
– има завршено високо образование и
– има стекнати знаења и вештини во однос на практиките и прописите за заштита на личните податоци, согласно со одредбите од овој закон.
Дали офицерот за заштита на личните податоци треба да е вработен кај контролорот?
Офицерот за заштита на личните податоци може да биде вработен кај контролорот или обработувачот или да ги извршува работите врз основа на договор за услуги.
Контролорот или обработувачот јавно ги објавува контакт-податоците за офицерот за заштита на личните податоци и ја известува Агенцијата.
Законoт за заштита на личните податоци започнува целосно да се применува
Измените на Законот за заштита на личните податоци на собраниска седница
Измени на Законот за заштита на личните податоци по скратена постапка
Министерството за правда подготвува измени на Законот за заштита на личните податоци
М.В