/ Прочитано:

1.504

Кога страстите на времето ги покрива прашината на историјата – АСНОМ останува најсилен аргумент против негирањата

По повод 70 годишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ – 2 Август 1944 година, денеска во Македонската академија на науките и уметностите се одржa свечена академија. Во присуство на највисокиот државен врв, пред претставници на борците и бројните научници, студенти и припадници на академската заедница, во кој се препозна спојот на минатото, сегашноста и иднината, низ свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите проструија согледбите и обединувачката симболика и дух на АСНОМ, тој најсветол датум во македонската историја, како што го нарекоа говорниците на свечената академија, кои пренесоа дел од своите научни експликации, но и евидентни емоции за датумот – симбол на македонската државност.

Доказ за апсурдноста на негирањата на македонскиот народ

„Конституирањето на современета македонска нација и држава на Првото заседание на АСНОМ претставува резултат на долг еволутивен процес на национално себеспознавање и стекнување на национален и културен субјективитет. Врз пребогатата меморија на културните корени на просторот на кој се раѓала европската цивилизација, одржувана низ вековите, тој е започнат со македонската преродба во првата половина 19-тиот век и, како здрав никулец кој се стреми да изникне на дофат на сонцето, е прераснат во борба за создавање на сопствена држава кон крајот на тој век и првата половина на 20-тиот век“, истакна во своето воведно излагање, Владо Камбовски, претседател на МАНУ.

Како што рече академик Камбовски, АСНОМ означува верификација на закономерниот развој и најсилен аргумент против старите, за жал, понекаде и современи негирања на македонскиот национален идентитет, што, како што подвлече тој, е самоевидентен доказ за апсурдноста на тврдењата дека создавањето на македонската држава и нација е резултат на некаков октроирачки акт.

„Да се тврди дека нациите настануваат со дела или акти на поединци или тела, а не по силата на обичајносна енергија, не значи ништо друго освен барем елементарни познавања на развитокот на човековата цивилизација да се компензираат со екстремни дози на национална, идеолошка или политичка заслепеност или омраза“, истакна академикот.

АСНОМ ги постави основите на државата врз либерален концепт на човековите слободи

Претседателот на МАНУ се повика на илинденските традиции на АСНОМ кои го изразуваат континуитетот на државотворноста, а на чии темели е поставена државноста денес преку кои се препознава, како што потенцираше, Илинден како симбол на борбата на македонскиот народ, додека АСНОМ како разултатот – преку самото создавањето на македонската држава.

„АСНОМ ги постави основите на државата врз либерален концепт на човековите слободи и творештвото, на македонскиот јазик, и на културните, образовните и и другите општествени институции, битни за националниот развој“, нагласи тој.

Академикот Иван Катарџиев се осврна на историските осцилации на асномските традиции и во таа насока истакна дека АСНОМ претставува преломна фаза во развојот на македонскиот народ, во неговото конституирање како национален индивидуалитет затоа што „АСНОМ е успешен историски исчекор по Илинденското востание и Крушевската Република вo 1903 година“.

НОБ не е механичко пресликување на Илинденското востание – во него се вградени стремежите на новото време

„Се разбира, тоа не значи дека НОБ е механичко пресликување на Илинденското востание. Во него се вградени стремежите на новото време и интересите на новите генерации. Еден летимичен поглед на состојбите во времето помеѓу 1940 година и 1944 година на македонската стварност покрај единството на ослободителните цели ќе открие и бројни програмски разлики. Таа појава е видлива уште во почетните фази на борбата против фашистичките окупатори. И тоа не е чудно. Прво, не постои хомогено национално ослободително движење. Второ, не треба да се губи од предвид дека македонскиот народ во антифашистичката и народоослободителна борба влезе без државотворна традиција. Во тоа е и суштинската разлика помеѓу македонското и антифашистичките движења на другите народи во Југославија и на Балканот.  Пред македонското антифашистичко движење стоела задачата да се ослободи народот, но и да се изгради сопствена држава со сите потребни атрибути на еден национално државен субјект“, истакна историчарот Катарџиев.

Академикот истакна дека значењето на АСНОМ не е историска патетика, туку тоа е вистинска македонска преродба која претставува синтеза на најзначајните историски настани и движења за ослободување на македонскиот народ и изградбата на сопствената државност – во континуитет.

Најсветол датум во македонската историја

„Верувам дека ќе се согласите со мене оти денес кога страстите на времето полека ги покрива прашината на историјата во сликата за која говориме има место и за оние што искокнувале од стројот на единствената ослободителна борба на македонскиот народ. Тие на крајот се најдоа во редовите на борците за национално ослободување во НОВ 1941 – 1944“, нагласи Катарџиев.

„Во историјата на секој народ има значајни настани: порази и победи што останеле во народното сеќавање. За жал, македонскиот народ доживувал почесто трагедии. Затоа, кога денеска ја одбележуваме 70-годишнината од одржувањето на првото заседание на АСНОМ и прокламирањето на слободата, јас сум убеден дека не грешам кога ќе кажам дека во целокупната историја на македонскиот народ нема посветол датум од 2 август 1944 година“, истакна Трајко Стаматоски од името на Организацијата на Сојузот на борците на НОАВМ, од каде пак, воедно рекоа дека нема спорни прашања околу еднинството во одбележувањето на овој јубилеј, во современа демократска Република Македонија.

Зборовите на Димо Хаџи Димов кои ја предвидоа иднината

Во тој контекст, Трајко Стаматоски се осврна и на Илинденските пораки на АСНОМ и на двата Илиндена, притоа илустративно цитирајќи ги зборовите на револуционерот Димо Хаџи Димов како една профетна и заветна контрибуција во развојот на настаните низ македонската историја:

…Македонија го имаше својот прв Илинден проследен со крвави денови на пораз и на тешки страдања во тек на четврт век. Таа ќе го има и својот втор Илинден, но веќе при идната нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободување. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа…

Патот до АСНОМ беше тежок, но енергичен

Трајко Стаматоски посведочи и за драматичните и крвави моменти на, како што рече, патот до слободата на македонскиот народ кој тежнеел за своја државност и слобода низ вековите.

„Не се дојде до АСНОМ тукутака, неочекувано. Патот до него го копачеше НОБ енергично, уште од почетокот на Втората светска војна, со првите акции и партизански одреди во 1941 година, кога кревањето на востанието изгледаше како јуриш на небо, а особено со дејствувањето на првата слободна територија во Дебарца и на Главниот штаб на НОВ како вистинска влада во исклучителни услови“, потенцираше тој.

Стихот на Конески како метафора за современието

Тоа не можеше да остане незабележано и соодветно вреднувано на Второто заседание на АВНОЈ, кога Македонија и официјално беше прогласена како посебна република во заедничката југословенска држава, дополни Стаматоски, кој акцентираше дека АСНОМ е триумфот на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода, но во таа насока и се надоврза со констатацијата дека борците не би биле борци ако не се осврнат на, како што рече, современието. Тој, за таа цел, како борец и како проучувач на делото на Конески, цитираше негов стих со што го заокружи своето излагање како придонес во обединувачката сила на поетскиот збор – за минатото и иднината:

Веро на нашата младост, што стори од нив што направи! Од едни ситни праматари, од други ситни берокуќници, добитници, без со прст да мрднат, од трети маченици на твојот збор! – Така си шепотеа меѓу себе гробовите на оние млади луѓе, уште деца, што еднаш го положија животот“.

Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 1.08.2014