/Прочитано:

623

Кои лични податоци на граѓаните ќе ги содржи базата на податоци за воспоставување електронски регистар на население

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување влезе во собраниска процедура. Целта на Предлог-законот, се во образложението на Законот чиј предлагач е Владата, е утврдување на формата, содржината и форматот на барањата од граѓаните за остварување на административни услуги по електронски пат и воспоставување на основи за централен електронски регистар на население и електронски услуги.

Покрај одредбите за електронската форма на документите, која ќе биде стандардизирана за сите документи коишто се издаваат од страна на надлежните органи при обезбедувањето на административни услуги по електронски пат, во Законот се пропишуваат одредби кои се однесуваат на електронската база на податоци и на централниот електронски регистар на население. Во врска со овие прашања, во законските измени се уредува посебна глава насловена како „Интегрирана електронска база на податоци на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои содржат лични податоци во електронска форма“.

Во Министерството за информатичко општество и администрација, се пропишува во Законот, се воспоставува интегрирана електронска база на податоци на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои електронски бази содржат лични податоци во електронска форма, создадени, обработени и чувани од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги при извршување на своите надлежности утврдени со закон. Целта и функцијата на интегрираната електронска база на податоци, се пропишува во Законот, е воспоставување на централен електронски регистар на население поради обезбедување на пристап на физичките лица до административните услуги по електронски пат, во согласност со закон.

Содржина на интегрираната електронска база на податоци

Интегрираната електронска база на податоци, се пропишува понатаму во предложените законски измени, ги содржи следниве лични податоци на граѓаните на Република Македонија, како и на странски државјани со регулиран престој во Република Македонија, во согласност со Законот за странците:

1)         име

2)         презиме

3)         јазик

4)         единствен матичен број на граѓанинот 

5)         пол

6)         датум на раѓање

7)         место на раѓање:

–           држава

–           општина

–           населено место

8)         лични документи:

–           документ

–           број на документ

–           вид на документ

–           датум на издавање на документот

–           датум на важност на документот

–           статус на документот

–           место на издавање на документот

9)         мајка (ЕМБГ)

10)      татко (ЕМБГ)

11)      адреса на живеалиште:

–           општина

–           населено место

–           улица

–           број (број, влез, стан)

12)      адреса на привремен престој:

–           општина

–           населено место

–           улица

–           број (број, влез, стан)

13)      државјанство:

–           држава

–           статус

–           датум на престанок

14)      брачен статус:

–           датум на брачен статус

–           сопруг/а (ЕМБГ)

15)      националност

16)      смрт:

–           датум на смрт

–           место на смрт

–           држава

–           општина

–           населено место.

Контролори и обработувачи на електронските бази на податоци, евидентирани и интегрирани во интегрираната електронска база на податоци на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои содржат лични податоци во електронска форма, се Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда – Управа за вoдење на матичните книги.

Министерството за информатичко општество и администрација, во својство на контролор и обработувач на интегрираната електронска база на податоци, е должно да преземе соодветни технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на податоците создадени во електронска форма, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

Министерството за информатичко општество и администрација врши единствено автоматско интегрирање без право на пристап, внесување или промена на податоците на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои содржат лични податоци во електронска форма, во согласност со прописите за заштита на лични податоци.

М.В