/ Прочитано:

2.390

Кои се најактивните пратеници во македонското Собрание

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) го објави Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јануари – јуни 2019).

Во овој период (јануари – јуни 2019) 50% од мониторираните дискусии беа дел од пленарни седници, додека 50% од комисиски расправи, а вкупно се набљудувани 1.734 дискусии (на пратеници и надворешни учесници во дебатата).

Според набљудувањето, најмногу дискусија се водела во текот на Надзорната расправа на тема: „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“; интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров; и Предлог-закон за извршување на санкциите.

Според политичката припадност на говорниците од набљудувањето во овој период, произлегува дека пратениците од мнозинството составенo од: СДСМ и коалиција и ДУИ учествуваа во 40% од набљудуваните дискусии; додека опозицијата, која е составена од: ВМРО-ДПМНЕ и коалиција, Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Алијанса за Албанците, Движење БЕСА, Алтернатива и ДПА, учествуваа во 60% од набљудуваните дискусии.

Најактивни пратеници, односно пратеници кои на собраниската говорница се задржаа најдолго се: Панчо Минов со 283 минути, Трајчо Димков со 213 минути и Илија Димовски со 210 минути. Според тоа колку пати се јавиле за збор, најактивен пратеник е Ане Лашкоска, којa зеде збор 56 пати, пратеникот Панчо Минов – 54 пати и Зоран Илиоски – 50 пати. Најактивни пратенички овој период на набљудување беа пратеничките од опозицијата, Слаѓана Митовска, која на говорницата се задржа 134 минути и Ане Лашкоска – 125 минути.

Според типот на дискусиите во овој период, поголем дел отпаѓаат на говори (46%), додека 23% од дискусијата отпаѓа на реплики и 17% на контрареплики. Оваа укажува на ниско ниво на интеракција помеѓу пратениците и на ниско ниво на размена на ставови.

Во овој период се одржаа сите пленарни седници за пратенички прашања предвидени со закон. Само 14% од набљудуваните дискусии отпаѓаат на пратеничките прашања, дополнителни пратенички прашања и одговори на прашањата.

Во однос на типот на дискусија според политичката припадност на говорниците, може да се забележи дека најголем дел од дискусијата е иницирана од страна на опозицијата, преку нивните говори (59%), додека најголем дел од репликите припаѓаaт на власта (57%). Најголем дел од контрарепликите припаѓаат на опозицијата (74%). На опозицијата ѝ припаѓаат и 68% од пратеничките прашања и 79% од дополнителните пратенички прашања.

М.В