/ Прочитано:

1.721

KOМЕНТАР Едмонд Адеми за Законот за ПИАЦ: На прв поглед изгледа како тренд и звучи модерно, но неприфатливо е граѓаните да финансираат партиски центри

Понеделник, 25 февруари 2013 – Неприфатливо е  граѓаните преку буџетот да финансираат партиски аналитички центри, Законот е дискриминирачки спрема помалите партии и спрема независните политички и економски истражувачки центри. Вака извршниот директор на Институтот „Либерта“ Едмонд Адеми, го толкува новиот Закон за партиските истражувачки и аналитички центри (ПИАЦ) кој неодамна стапи на сила, а ќе почне да се применува од  јануари, 2015 година.

Според Адеми, Собранието го усвои овој закон без многу анализа и дебата во јавноста и без да се дискутира што тоа значи, а очигледно е дека партиските истражувачки центри ќе се финансираат од џебот на граѓаните. Адеми смета дека е небулозно тоа што предлагачите на Законот се повикале на западноевропско искуство, но според неговите сознанија во Европа партиските центри се финансираат од партиите, а не од државниот Буџет.

Станува збор за 280.000 евра во денарска противвредност за финансирање на партиско истражувачко – аналитичките центри кои на годишно ниво се обезбедуваат од Буџетот на РМ.

Во Законот стои дека работата на ПИАЦ функционално е поделена на два дела:

  • оперативен дел за дневно истражување, обработка на податоци за потребите на политичката партија, планирање на идните активности, како и други активности поврзани со функционирањето и политиката на односната партија, како и трошоците за плата и придонеси на вработените во ПИАЦ и
  • проектен дел кој ќе биде поврзан со организацијата на активности во јавноста кои подразбираат организација на трибини, дебати, семинари, работилници, истражувања на јавното мислење, публикација на студии и истражувања, евалуација на политики, следење на општествените процеси во Република Македонија, меѓупартиски и меѓународни активности и други работи од областа на истражувачко аналитичките активности и активности во врска со стратешкото политичко планирање.
ПИАЦ според законските рамки ќе имаат вработено од 2 до 4 лица и раководител. За функционирање на центрите ќе се одвојуваат средства од Буџетот на РМ и ќе се распределуваат на првите четири политички партии со најголем број на избрани пратеници во Собранието на Република Македонија на последните одржани парламентарни избори.
Во 3 точки извршниот директор на Институтот „Либерта“ го коментира Законот кој тивко се усвои, а ќе почне да се применува за две години.

1. Со овој Закон сметам дека владејачката ДПМНЕ сака да ги згрижи на државна сметка неколку нивни активисти кои се дел од институтите „Павел Шатев“, „Димитрија Чуповски“ и „ИПИС“, а бидејќи не успеаa да го партизираат и да го стават во своја функција Институтот за парламентарна демократија финансиран од странски донатори, овој Закон им е пандан за ИПД.

2. Овој Закон ги става во нерамноправна положба, и е дискриминтароски спрема другите, помалите политички партии кои исто така се претставени во Парламентот, но не со толкав број на пратеници како 4 најголеми партии.  Според Законот сите пратеници и партии се еднакви пред Законот, а ако е така, тогаш со кое право на некои парламентарни партии им следува една ваква поддршка а на други парламетaрнни партии – не!? Секако, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би биле најсреќни кога овој Закон би важел само за нивните партии, ама бидејќи не може така, бројот го лимитирале на само 4 големи партии.

3.  Законот е дискриминаторски и спрема другите независни политички и економски истражувачки центри, кои и онака тешко доаѓаат до средства за реализација на  своите активности, и за истите бара да се вложи многу труд и работа, се цел да се реализира нивната програма, за разлика од партиските истражувачки центри кои ќе имаат директна поддршка од државата.

>> Законот за партиско-истражувачки центри може да го проследите на akademika.com.mk.