/ Прочитано:

1.600

Коментар на „ЦИВИТАКС“ за предложената даночна реформа

Министерството за финансии објави дека, почнувајќи од јануари 2019 година, се напушта системот на рамен данок и се преминува кон систем на прогресивен данок. Според реформата, примателите чиј доход на месечна основа го надминува прагот од бруто-износ од 90.000 денари, ќе плаќаат дополнителни 8% данок на персонален доход, дополнително на постојната стапка од 10%, за износот на примањата над предвидениот праг. За доходот од капитал ќе се плаќа данок по стапка од 15%.

Групата ЦИВИТАКС смета дека прогресивното оданочување е еден од инструментите за намалување на социјалната нееднаквост. Оттука, ЦИВИТАКС го смета предложеното решение за прифатливо. Сепак, истовремено, ЦИВИТАКС смета дека прогресивниот данок на доход треба да се воведе само откако ќе се  даде одговор на повеќе значајни прашања, помеѓу кои е и потребата од широка општествена и стручна дебата за трошењето на народните пари.

Објавувањето на предложената даночна реформа беше дочекано како избрзано решение, со оглед дека очекувањето на засегнатите страни беше дека ќе се остави доволен простор за квалитетна јавна дебата, без да се наметнуваат како зададени контурите на реформата, особено во услови кога Владата се обврза на консултативен процес и јавна дебата за кое било прашање од јавен интерес.

Во услови на сè уште заробена држава и нереформирана администрација, Владата треба да се воздржи од наметнување параметри за оцена на успешност бидејќи тоа ги заведува граѓаните, ја прави Владата неотчетна и склона кон носење одлуки кои се избрзани и кои не одговараат на долгорочните цели на граѓаните на Република Македонија. Во таа смисла, Владата треба да се воздржи и од споредби со ЕУ-земји бидејќи ЕУ-земјите со кои сака да се споредува не се заробени.

Во услови кога само пред десетина дена Владата објави откуп на долгови на општините и во услови на неодговорно трошење на парите на даночните обврзници (патни трошоци, трошоци за ресторани, злоупотреби на даночни пари за лични цели, дополнителни неконтролирани вработувања во државната администрација),  потребно е Владата да покаже решителност, посветеност и конкретен план за сузбивање на неодговорното трошење на народните пари пред да планира и пред да спроведува дополнителни зафаќања од граѓаните.

Често се употребуваат поими како синоними кои служат за стигматизирање или за привлекување на симпатии, без притоа да се дефинираат поимите за да се обезбеди квалитетна дебата исфилтрирана од шум на популизам. Барем следните поими треба да бидат прецизно дефинирани за случајот на Република Македонија, а во функција на даночни цели: средна класа, праведен данок, фер оданочување.

Владата мора да поработи на ефикасноста на расходната страна на буџетот, на зголемена одговорност и отчетност, на зголемување на казнивоста на злоупотреба од висока корупција и на „одробување“ на државата. Групата ЦИВИТАКС очекува(ше) јасен план, посветеност и акција, во оваа насока, пред да се наметнуваат крупни промени во системот, како што е даночната реформа.

Групата ЦИВИТАКС бара да се отстрани прагот за неплаќање социјални придонеси со воведувањето прогресивен данок. Групата ЦИВИТАКС ја повикува Владата да излезе со анализа за тоа како е поврзано прогресивното оданочување со сивата економија и како ќе влијае врз неа и недвосмислено да покаже како ќе се бори против сивата економија пред наметнување дополнителни даноци.

„Најавеното прогресивно оданочување може негативно да се одрази врз креирањето високоплатени работни места, особено во секторите ИТ, финансии и осигурување, специјалистичко здравство и сл., сектори во кои вработените се висококонкурентни на глобалниот пазар“, посочуваат од Групата, чиешто интегрално соопштение може да се преземе на следниот линк.

Видови доход кои се предмет на оданочување според новиот Предлог-закон за данокот на личен доход

Целосен текст на новиот Предлог-закон за данокот на личен доход

Министерството за финансии објави анализа за даночната реформа

Измени на данокот за личен доход: Дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно

Компаниите го поздравуваат одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување

Компаниите со истражување за прогресивното оданочување на личниот доход:  Не е погоден момент за вакво оданочување

Даночната политика во фокусот на Роуд-шоуто на слободниот пазар

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ: Потребно е праведно оданочување – богатите да плаќаат повеќе, а сиромашните помалку

„Фајнанс тинк“ за  буџетските ефекти од потенцијален прогресивен данок на доход

„Фајнанс тинк“ за извештајот на ММФ во врска со даноците, пензионирањето, минималната плата и социјалната помош

Трибина за данокот и за заштитата на правата на даночните обврзници

М.В