/ Прочитано:

2.321

Коментар на „Фајнанс тинк“ за предлог-ребаланс на Буџетот на Република Македонија за 2017

„Фајнанс тинк“ смета дека прекројувањето на буџетската каса за второто полугодие од 2017 година е спроведено релативно соодветно, во рамки на зададените ограничувања од проектирањето што го спровела претходната влада. Но, како што наведуваат во нивниот коментар, буџетското проектирање за 2018 година се очекува да биде попрецизно, со поголемо вклучување на засегнатите страни, да направи оптимален баланс помеѓу социјалната и развојната компонента и реално да го одрази долгорочното планирање на капиталните инвестиции. Од таа гледна точка, мониторингот на буџетскиот процес за 2018 ќе биде покритички. 

Поднесениот предлог-ребаланс на Буџетот на Република Македонија за 2017 година е релативно соодветно прекројување на буџетската каса. Особено низ призма на практиката присутна во претходниот период кога капиталните инвестиции се проектираа нереално високо и очекувано, беа драстично намалувани при секој ребаланс, тековниот  предлог-ребаланс претставува пореалистичен одраз на економските текови и политиките што има намера да ги спроведе Владата. Оттука, промената во пристапот на буџетирањето на јавните приходи и трошења претставува добар и ветувачки потег. 

Во продолжение, „Фајнанс тинк“ дава неколку коментари на различните аспекти на предлог-ребаланс на буџетот.  

Ревидираната проекција на растот на економијата на 2.2% од претходно проектираните 3% е коректна и во линија со предвидувањето на „Фајнанс тинк“ од јуни 2017 за раст на економијата од 2.3% за целата 2017 година. Сепак, оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што негативно може да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во второто полугодие од 2017 година, што може да повлече потреба од втор ребаланс.

Намалувањето на непродуктивните буџетски расходи е долгоочекуван потег, кој беше предмет на долги и опсежни дебати, меѓутоа никогаш не се случи во мера во која се случува со овој предлог-ребаланс. Сепак, потребна е внимателност околу овој потег, особено во поглед на буџетирањето за следната година, во следнава смисла: кратењето на т.н. непродуктивни трошоци од 10% може да се смета и за недоволно, особено имајќи ги предвид сите сознанија и наоди за начинот на трошење на буџетските средства во претходниот период и Владата, сепак, треба да отвори јавна дебата за тоа што претставува непродуктивно трошење.

Целосното кратење на трошоците за меѓународно рекламирање како дел од политиката за привлекување странски инвестиции не неопходно треба да се гледа како непродуктивен трошок. Дел од трошоците како овој ќе мора да се намалат и веројатно, значајно да се реструктурираат, меѓутоа арбитрарното кратење на трошоци кои Владата ги смета за непродуктивни може да не биде целосно оправдано.

И покрај заложбите за кратење на непродуктивните трошоци, сепак дел од буџетското кратење се рефлектира и кај капиталните инвестиции. Дел од таквото кратење е поради иницијалното надувување на овие трошења, но дел е и поради неможноста да се даде посилен импулс на инвестиции од државата во краток период. За оваа тема, Владата треба да отвори широка дебата со цел артикулирање општествен консензус за инвестициските приоритети и потенцијално да спроведе студија за оценка на фискалните мултипликатори на различните видови капитални инвестиции.

Сепак, имајќи предвид дека може да се појави потреба за нов ребаланс поради потенцијално поголемо потфрлање на буџетските приходи, арбитрарното кратење на т.н. непродуктивни трошоци и кратење на капиталните инвестиции, произлегува дека буџетската каса ќе можеше да се скрои подобро доколку ребалансот се случеше во септември 2017.

На крајот, останува перцепцијата дека ребалансот ја ослабува развојната компонента, а понатамошно ја надувува социјалната компонента (се додаваат средства за покривање на расходот сврзан со реформата на минималната плата, се додаваат средства за стечајци, се додаваат средства за ПИОМ итн.). За темата на развојната наспроти социјалната компонента се очекува Владата да отвори јавна дебата при проектирањето на буџетот за 2018 година.

Сè на сè, прекројувањето на буџетската каса за второто полугодие од 2017 година е спроведено релативно соодветно, во рамки на зададените ограничувања од проектирањето што го спровела претходната влада. Но, буџетското проектирање за 2018 година се очекува да биде попрецизно, со поголемо вклучување на засегнатите страни, да направи оптимален баланс помеѓу социјалната и развојната компонента и реално да го одрази долгорочното планирање на капиталните инвестиции. Од таа гледна точка, мониторингот на буџетскиот процес за 2018 ќе биде покритички.