КОМЕНТАР НА ЗАКОНОТ ЗА ПАРНИЧНА ПОСТАПКА: Сто примери за практична примена и објавена судска практика кон одредбите од Законот
Ова издание претставува практичен коментар чија цел е да послужи не само при примената на ЗПП со измените и дополнувањата направени во 2010 и 2015 година, туку и при примената на ЗПП во неговиот првобитен текст од 2005 година, земајќи предвид дека оригиналниот текст на ЗПП од 2005 година ќе се применува и во наредните неколку години.
Иако со новиот Закон за парничната постапка се одредија процедурите и начините на водење на парничната постапка, се покажа потребата од практични насоки за поефикасно имплементирање на Законот. Токму тој практичен аспект е суштината на Коментарот на Законот за парничната постапка.
Во опсежниот предговор, авторите проф. д-р Кирил Чавдар и проф. д-р Кимо Чавдар историски ја исцртуваат траекторијата што води до ова трето изменето и дополнето издание на ЗПП и детално ја објаснуваат потребата од законските измени направени досега.
Ова издание претставува практичен коментар чија цел е да послужи не само при примената на ЗПП со измените и дополнувањата направени во 2010 и 2015 година, туку и при примената на ЗПП во неговиот првобитен текст од 2005 година, земајќи предвид дека оригиналниот текст на ЗПП од 2005 година ќе се применува и во наредните неколку години.
Коментарот на Законот за парничната постапка се состои од сто примери за практична примена, објавена судска практика речиси кон секоја одредба од Законот, регистар на поими и детална содржина на книгата.
Насоките за решавање на парничните спорови се веќе дадени и зацртани, но тоа не значи дека не може да се предложи нивно подобрување со цел максимална ефикасност при спроведувањето на овој Закон. Токму затоа, Коментарот содржи и предлози и размислувања за подобрување на законската регулатива, со употреба на голем број наведени и цитирани научни и стручни трудови.
Делото, кое опфаќа над илјада страници текст, е конципирано, односно поделено на четири интегрални делови, и тоа: Дел први – општи одредби; Дел втори – тек на постапката; Дел трети – посебни постапки и Дел четврти кој се состои од преодни и завршни одредби, предметен регистар, белешка за авторите и одредби од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/05, 110/08 и 83/09) кои се изменети со ЗИД ЗПП од 2010 година. За полесно снаоѓање и за јасна дистинкција, кон некои изменети или дополнети членови најпрво е дадено како гласел неизменетиот член, а во Прилогот се дадени и одредбите од ЗПП од 2005 година пред нивните изменувања и дополнувања од 2010 година.
Целта на авторите е појасно да се разберат одредбите на овој Закон и, воедно, да придонесат за адекватно применување на Законот во практиката, со примарен фокус – зајакнување на законитоста во работата на судовите, како и на останатите органи, институции и поединци кои ги користат и кои ги спроведуваат неговите одредби. Крајната цел е создавање можност за побрзо правосилно разрешување на спорните односи меѓу правните субјекти, со што се креира поголема правна сигурност во дадената сфера.