Комисијата за економски прашања расправаше за измените на Законот за едношалтерскиот систем

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија како матично работно тело го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, поднесен од пратениците: Горан Мисовски, Соња Мираковска, Горан Милевски и Ејуп Аљими (по скратена постапка).

Пратениците велат дека измените на Законот се потребни заради реализација на мерките за подобрување на деловното окружување во согласност со препораките на Извештајот на Дуинг бизнис 2018, а со цел подобрување на бизнис-климата во Република Македонија и повисоко рангирање во категоријата отпочнување на бизнис. Од Извештајот на Светската банка произлезе потребата од воспоставување на заедничка платформа за отпочнување на бизнис.

За реализација на заедничката платформа за отпочнување на бизнис вклучени се Централниот регистар на Република Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Управата за јавни приходи, со стандардизирана меѓусебна размена на податоци.

„Надлежните институции ги предвидоа потребните технолошки и процесни прилагодувања, меѓутоа за целосна реализација на заедничката платформа потребно е да се дорегулираат овие измени во Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица. Преку системот на Централниот регистар на Република Македонија за е-регистрација, подносителот кој ќе основа правен субјект ќе може да ги пријави првите вработени-застапници по закон и да се регистрира за целите на ДДВ на доброволна основа при иницијална регистрација“, образложуваат предлагачите на измените.

Измени на Законот за едношалтерскиот систем по скратена постапка

М.В