/ Прочитано:

724

Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи апелира да престане насилството, МВР најавува строги санкции за сите учесници во инцидентите

Четврток, 7 март 2013 – Додека на социјалните мрежи врие од најави за утрешните протести, Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи апелира да престанат манифестациите на насилство, а Министерството за внатрешни работи предупредува дека насилствата ќе бидат најостро санкционирани.

„Верата отсекогаш била чин на взаемно почитување и возвишен однос кон Бога и вероисповед на другиот, а улицата како место за пресметка е само деградација и уривање на темелните човечки принципи. Да не дозволиме екстремниот и нетолерантен однос кон нештата непотребно да предизвикаат турбуленција и непотребни меѓуетнички и меѓуверски конфликти кои можат да имаат далекусежни последици, посебно кон животот на нашите деца кои се благодет и наша иднина“, апелираат од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Од МВР пак предупредуваат дека насилствата што се случија минатата недела ќе бидат најостро санкционирани. Иако формално не се најавени утрешните протести, сепак полицијата се подготвува да ги преземе сите неопходни мерки, а против сите кои би предизвикувале или би учествувале во какви било инциденти ќе следуваат најостри санкции, соопштуваат од МВР.

Член 3 од Законот за јавни собири

Заради интересите на безбедноста организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на јавниот собир и мерките што се преземени за неговото одржување.

Известувањето за јавен собир од ставот 1 на овој член се поднесува во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје се одржува јавниот собир најдоцна 48 часа пред почетокот на одржувањето на јавниот собир.

Во известувањето организаторот ги наведува следниве податоци: целите на одржувањето на јавниот собир; местото и времето на одржувањето; организаторот на јавниот собир; мерките што организаторот ги презел во врска со непречено организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организирање на редарската служба.

Од видео материјалите снимени на минатонеделните инциденти полицијата идентификувала десет лица кои во моментов се наоѓаат на разговор во полициски станици, а потоа ќе се покрене постапка за подигнување соодветни кривични пријави. Полицијата информира дека ги следи Фејсбук групите преку кои се повикува на насилни протести закажани за во петок и сабота. Дел од групите на кои се зборувало со говор на омраза се отстранети од социјалната мрежа, велат оттаму.

Истовремено на социјалните мрежи циркулира плакат подготен од извесно лице со иницијали Џ.И на кои се повикуваат Албанците да протестираат против монтираните судски случаи (се мисли на случајот „Монструм“), но  и против дискриминацијата на Албанците по етничка и верска основа.

На полицијата и е познато дека ова лице e од Липково, а живее во Брисел. За себе вели дека е веб – дизајнер и хакер кој ги напаѓа македонските портали. Тој истовремено има објавено видео на „Јутуб“, на кое во неколку сцени се гледаат пиштоли и рафална стрелба.