/Прочитано:

71

Комитетот за оперативна монетарна политика:  Поволни поместувања во економијата

На 14 мај 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика. Заклучоците од Комитетот ги пренесуваме во целост:

„По намалувањето на каматната стапка во март, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи каматната стапка на благајничките записи да остане на истото ниво од 2,25%. Исто така, на седницата се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 15 мај 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што заклучи дека економските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку стабилната инфлација и поволната надворешна позиција, околности кои придонесуваат за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годинава. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по релативно солидниот раст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен раст кај градежништвото.

Просечна годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци изнесува 1,4%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега се оценуваат како урамнотежени.

Бројот на показателите од надворешниот сектор е ограничен, но досега расположливите податоци упатуваат на релативно поволна надворешна позиција. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели остануваат во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за април покажуваат солиден месечен прираст кај вкупните депозити, кој во еден дел произлегува од растот на штедењето на домаќинствата, а делумно е одраз и на растот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар, во април продолжи месечниот раст на кредитите, при раст на кредитирањето и на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, банките имаа релативно мала потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити, при натамошно зголемување на денарската ликвидност на банкарскиот систем, која и натаму беше насочувана кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Растот на ликвидните средства во банкарскиот систем во овој период, и покрај сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина, беше поврзан со ликвидносниот ефект на трансакциите на државата и интервенциите на Народната банка за откуп на 29 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи од страна на Народната банка беше остварен во услови на сезонски зголемена понуда на девизи на менувачкиот пазар пред велигденските празници и пониска месечна нето-побарувачка на девизна ликвидност од фирмите.

За разлика од претходниот месец, во април расположението на меѓународните пазари беше насочено кон преземање ризик. На глобално ниво, преовладуваа економски остварувања коишто беа подобри од очекувањата, што придонесе за намалување на цените на безбедните инструменти, односно беше забележан раст на нивните приноси. Позитивно изненадување за пазарите претставуваше економскиот раст на САД кој беше повисок од очекуваниот, континуираниот раст на кинеската економија, како и умерено повисоката стапка на раст на БДП и поволните показатели за очекувањата во еврозоната. ЕЦБ ја задржа тековната поставеност на монетарната политика, во услови на согледувања за ризици за економскиот раст. ФЕД не го промени целното ниво на распонот на каматните стапки, притоа упатувајќи на неутрална монетарна политика. Наспроти тоа, во почетокот на мај, на пазарите се зголеми одбивноста кон преземање ризик поради засилените трговски тензии коишто започнаа откако САД ги зголеми царините за дел од производите коишто се увезуваат од Кина.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека по намалувањето на каматната стапка во март, последните макроекономски показатели и оцени главно се движат во рамки на очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети. Сепак, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, особено оние предизвикани  од неизвесноста поврзана со растечките трговски тензии. Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици во контекст на поставеноста на монетарната политика.“

Усвоен најновиот Квартален извештај на Народната банка со макроекономските проекции

Преминувањето во втората фаза од Спогодбата за стабилизација носи позитивни промени за домашните банки

Усвоени Годишниот извештај на Народната банка и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем

Народната банка: Месечен раст на депозитите и кредитите и стабилно ниво на ликвидност на банките

М.В