/ Прочитано:

902

Комитетот за заштита на правата одржа конференција на тема „Како до правдата“

Денеска во организација на Комитетот за заштита на правата се одржа конференција на тема „Како до правдата“. На отворањето на денешната конференција беше истакнато дека судството ужива рекордно високо ниво на недоверба и дека ако не гарантира еднаква правда за сите, правосудниот систем мора целосно да се реформира.

Владата ќе направи сè, преку постојните законски решенија и закони, да ги направи достапни сите докази што ќе се користат за повторно отворање на постапките за случаите на политички прогон, изјави заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, на денешната конференција „Како до правдата“.

„Сите сме свесни што се случуваше изминатите 10 години во Република Македонија. Големиот притисок врз судството и врз јавното обвинителство придонесе денеска да сме тука. Сето ова беше констатирано во сите извештаи на меѓународната заедница“, изјави Ристовски, додавајќи дека при подготовката на реформите Министерството за правда се раководело од сите релевантни извештаи.

Министерството, додаде Ристовски, изработи национална Стратегија за реформи во правосудството и ќе настојува за темелна реконструкција на правосудниот систем. Можеби однадвор изгледа дека тоа оди бавно, нагласи заменик-министерот, меѓутоа многу е тешко во еден краток период од неполни десет месеци да се врати во нормала нешто што се урнисувало 12 години.

Почесниот претседател на Комитетот за заштита на правата, Слободан Богоевски, посочи дека никогаш не смее да се дозволи МВР да биде штаб на политичка партија. Исто така, додаде Богоевски, ако сакаме нормална држава интегрирана во западниот свет, никогаш не смее да се дозволи пресудите да се носат однапред, во кабинетот на шефот на тајната полиција. Владата, подвлече тој,  не смее да го заборави прашањето на жртвите на претходниот режим.

„За восхит е смиреноста и определбата на сите луѓе кои биле во голема мера обесправени во судските постапки ова да се прави по институционален пат, онака како што ѝ прилега на една правна држава во која ќе владее правото“, истакна Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнал“.

Неодамна, „Транспаренси интернешнал“ – Македонија и „Зелена лупа“ изработија анализа насловена како  „Правосудниот систем под лупа“. Анализата на дванаесет правосилни судски случаи за предмети процесирани во изминатите десет години покажува целосно непочитување на законите и една голема потреба од сериозно преиспитување и на работењето на судиите и на судската практика во Македонија.