/ Прочитано:

1.647

Јакнење на соработката за имплементација на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во сферата на извршувањето

Петок, 24 април 2015 – Комората на извршители на Македонија (КИРМ) и Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер денеска потпишаа Меморандум за соработка. Целта на Меморандумот е јакнење на соработката поврзана со имплементација на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во сферата на извршувањето.

„Соработката ќе се одвива во насока на одржување континуирани обуки во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со цел да се подигне јавната свест на целната група со овој закон, како и со правата и обврските кои произлегуваат од него“, рече претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пеце Ташевски

Според претседателот на КИРМ, Петрески, потпишувањето на Меморандумот е можност извршителите да се стекнат со дополнителни знаења и обуки, а истовремено дополнително ќе се овозможи правилен пристап кон граѓаните што се заинтересирани да дојдат до потребните информации.

„Слободниот пристап до информации сѐ уште е „баук“ во Македонија и не сите граѓани и институции го познаваат Законот. Од тие причини сметаме дека извршителите и канцелариите на извршителите, како и самата Комора на извршители, треба да стекнат дополнително знаење, кое ќе им го пренесе Комисијата преку обуки “, рече Петрески.

Првиот човек на КИРМ посочува дека на овој начин извршителите ќе бидат сигурни дека ќе бидат подготвени да одговорат на барањата на граѓаните.

„Постојат информации што се извршителска тајна, но постојат и информации кои се од јавен карактер и граѓаните треба да ги добијат нив “, рече претседателот на КИРМ.

Петрески појасни  дека понекогаш имале дилеми дали треба или не треба да дадат одредена информација, но оти кога се наоѓале во таква ситуација се консултирале со Комисијата.

„Постојат информации кои може да ги добијат само странки, односно лица што се учесници во конкретен предмет или постапка, но постојат и информации кои се од јавен карактер и кои се дефинирани со Законот за слободен пристап до информации и нив ќе треба да им ги дадеме на граѓаните“, прецизираше тој.

136 жалби од граѓани против институциите поради недобивање информација

Минатата година  против различни институции имало 136 жалби од граѓани по основ на недобивање одредена информација.

„Извештајот од последната година покажува дека има 136 жалби од граѓани по основ на недобивање одредена информација. По добивањето на тие жалби најчесто интервенира Комисијата и во најголем процент се добиени“, појасни Ташевски.

Тој информираше дека секој може да побара информација која е од јавен карактер од секоја институција, а во секоја институција има службени лица кои се должни да постапуваат по однос на Законот.

„Комисијата има обврска да помогне и да упати на правилен начин како да се побара и како може да се добие информацијата од одредена институција“, посочи Ташевски.

Во случај ако некоја институција не дава одредена информација, како што рече, секоја граѓанин и сите правни лица имаат можност да поднесат жалба до Комисијата доколку во законски определениот рок од 30 дена не добијат одредена информација.

Петрески: Блокирањето на сметката е законска обврска на извршителот

„Изминатите три месеци од годинава се бележи намалување на наплатата и на бројот на предмети кај извршителите, што се должи на превентивната функција на извршувањето. Тоа значи дека можеби е време да се размислува и за намалување на бројот на извршителски места во Република Македонија“, изјави претседателот на КИРМ по потпишувањето на Меморандумот за соработка .

На новинарско прашање во врска со напливот на предметите стари и по повеќе од една деценија, кои од судските депоа беа префрлени кај извршителите, што предизвика револт кај граѓаните,  Петрески појасни дека се бележи тренд на намалување на бројот на овие предметите.

„Трендот е веќе во намалување и последните предмети коишто доаѓаат од комуналната сфера кај извршителите се стари година, година и пол бидејќи знаете дека комуналната сметка доколку не биде оптужена после една година таа веќе застарува“, рече тој.

Во контекст на тоа додаде дека и со акцијата на проектот на Владата за отпис на долгови одредени долгови ќе бидат отпишани, посебно во овие категории на граѓани коишто се најзагрозени.

Според Петрески, неосновани се забелешките во извештајот на Народниот правобранител за блокада на сметки од извршителите. За оваа проблематика, како што рече,  се одржани бројни заеднички средби и обуки со Народниот правобранител и дека граѓаните не треба да се доведуваат во заблуда.

„Блокирањето на сметката е законска обврска на извршителот без да го извести должникот. Блокирањето на сметката не подразбира дека ќе му ги земете сите пари на должникот. Доколку должникот дојде во канцеларијата и каже дека средствата на таа сметка се од социјална помош, должникот ќе биде деблокиран, средствата ќе му бидат вратени во целост. Исто така, доколку должникот дојде со потврда дека тие средства на таа сметка се од плата, ќе му биде задржана само една третина од платата додека остатокот ќе му биде вратен. Доколку докаже должникот дека веќе е блокиран на една третина од плата, сите средства ќе му бидат вратени. Во овој дел апсолутно немаме проблеми“, рече Петрески.

Претседателот на КИРМ појасни дека годишно во Комората пристигнуваат  околу 200 до 300 претставки, но дека повеќето се од доверителите.