/ Прочитано:

3.039

Комората на извршители и МТСП потпишаа меморандум за соработка чија цел е заштита на граѓаните што се социјално загрозени

Комората на извршители и Министерството за труд и социјална политика денеска потпишаа меморандум за соработка преку кој се утврдија заедничките активности на Министерството и Комората. Меморандумот го потпишаа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претседателот на комората на извршители Зоран Димов.

Меморандумот, беше истакнато на денешниот настан, е во насока на заштита на лицата кои се во социјален ризик. Со меморандумот извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на лицата кои се приматели на социјална помош.

„Потпишувањето на меморандум со Комората на извршители е со единствена цел – да ги заштитиме правата на лицата што се во социјален ризик со тоа што ќе спречиме да се блокираат нивните сметки“, истакна министерката Царовска.

„Преку овој меморандум веднаш ќе можеме да утврдиме ако утврдила државата дека конкретно лице е социјален случај, треба да се отстрани од системот на извршување до промена на неговиот статус. Кога ќе се промени статусот, до вработување или до стекнување на некој имот, тогаш ќе може да се реализира извршувањето во тој дел“, истакна претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов

Претседателот на Комората на извршители и министерката за труд и социјална политика нагласија дека со потпишувањето на овој меморандум се истакнува подготвеноста за соработка на полето на спроведувањето на социјалната политика и на Законот за извршување.

„Соработката ќе се темели на начелата и постапките предвидени со овој меморандум, а во согласност со прописите за заштита на личните податоци“, додаде Царовска.

Потписниците се согласни да ги применуваат највисоките стандарди за етичко и законско однесување за време на реализацијата на овој меморандум и се обврзуваат да обезбедат систем за заштита на податоците од неовластено користење и злоупотреба.

М.В