/ Прочитано:

863

Коморите од регионот во платформа за тимска соработка со Франција

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, и претседателот на претставништвото на Француската стопанска комора во Србија, Драгољуб Дамјановиќ, потпишаа договор за воспоставување стратешко партнерство со цел на француските компании заинтересирани за инвестирање на Балканот да им се отвори поголем пазар, понуда на услуги и да се воспостави една единствена регионална мрежа – Тим Франција – Балкан. Во таа насока, отпочнува со работа платформата за зголемување на инвестициите на француските компании во регионот, како и редовна размена на информации за прашања од интерес, особено секторите кои имаат потенцијал.  На официјализирањето на соработката покрај претставници од Сојузот на стопанските комори присуствуваше и генералниот директор на Француската стопанска комора во Србија, Сања Иваниќ, како и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние, кој ја истакна својата поддршка на иницијативата.

„Билатералните комори ќе го зголемат интересот на француските компании настапувајќи како целина и пристап до пазар од над 20 милиони жители. Ова е прв чекор кој има цел да ја зголеми трговската размена меѓу Франција и земјите од регионот. Во таа насока Сојузот, како претставник на бизнис-заедницата во Македонија, и останатите комори од регионот заеднички ќе дејствуваат за поддршка на зголемувањето на соработката со француските компании. Соработката меѓу релевантните организации од регионот, исто така, ќе има ефект да ги поттикнува компаниите да инвестираат и да добијат прецизни информации, како и услуги за развој и проширување на својот бизнис. Сојузот на стопански комори на Македонија ќе придонесе кон градење на трговски партнерства помеѓу Франција и Македонија“, изјави Арсовска и додаде дека целта е  да се постигне поефикасно вклучување на бизнис-заедницата од регионот во заеднички проекти, заедничко здружување и соработка со Франција.

Претседателот на Француската стопанска комора, Драгољуб Дамјановиќ, на средбата ги истакна заложбите за зајакнување на меѓусебното партнерство и иницијатива за заеднички настап на балканскиот пазар. Тој додаде дека целта е привлекување на француските инвеститори, како и понуда на квалитетна услуга за сите компании кои сакаат да пристапат на балканскиот пазар.

М.В