Компаниите бараат извесност за промените на даночниот систем и предлагаат даночен календар
Компаниите бараат поголема извесност во поглед на промените на даночниот систем. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора. Зоран Јовановски, советник на УО на Комората за економски прашања, на денешниот настан истакна дека во моментов постои отворено прашање за бизнис-секторот во земјава, а тоа е начинот на кој се менува даночниот систем и неизвесноста што произлегува од тоа.
Компаниите се соочија со непланирани финансиски трошоци
„На крајот од 2018 година беа направени промени кај даноците. Напуштен е рамниот данок, воведено е прогресивното оданочување, зголемени се стапките на придонеси, итн. Како беа направени промените? Иако претходно имаше најава дека измените во даночниот систем ќе бидат одложени за подоцна, сепак тие измени беа воведени во еден многу краток временски период и беа ставени во примена веднаш на почетокот од 2019 година“, нагласи Јовановски и го образложи прашањето за последиците врз приватниот сектор од ваквиот начин на промена.
„Компаниите веднаш се соочија со непланирани финансиски трошоци. Промените кај даноците и придонесите се случија на крајот на 2018 година, а во тој момент финансиските планови на компаниите за наредната 2019 година веќе беа комплетно направени и усвоени. Тоа значеше дека компаниите мораа да ги менуваат своите годишни финансиски планови во од за да ги вклопат зголемените финансиски издатоци кон државата што произлегоа од промените.
Уште поважно, компаниите се соочија со фактот дека работат во економски амбиент чиишто промени не можат да ги предвидат бидејќи промените можат да се случат во кој било момент. Ваквата генерална неизвесност, непредвидливост на економскиот амбиент создава несигурност кај правните лица, влијае на нивното работење, на нивната способност да ја оценат исплатливоста на одредени проекти и на нивните одлуки дали да инвестираат.
Бизнис-секторот веднаш реагираше на ваквиот начин на промена кај даноците и придонесите. Но, таа реакција не се исцрпи само во иницијалниот период. Резултатите од разни анкети покажуваат дека и во подоцнежниот период компании од најразлични сегменти на економијата се изјаснуваат дека во иднина би сакале навреме да знаат за промени во даночниот систем“, додаде Јовановски.
Прашањето е што може да се направи за да не се повторуваат вакви ситуации. Како да се намали неизвесноста во економскиот амбиент којашто произлегува од наглата промена на даноците?
Во таа насока, Јовановски истакна дека Стопанската комора на Македонија има предлог-решение. Решението е да се воведе временска рамка која ќе дефинира, ќе одреди кога и на кој начин би се правеле измени на даночниот систем. Оваа временска рамка за измени во даночниот систем е наречена даночен календар.
Ваквото предлог-решение е инкорпорирано во документот за Приоритетите на Стопанската комора за 2019 година, документ усвоен од УО на Комората. Неделава, на седницата што ќе се одржи во Битола, во просториите на Битолска млекарница, УО на Стопанската комора ќе ја разгледа и операционализацијата на мерката.
Како би функционирала временската рамка која во предлогот е наречена даночен календар?
Какви било измени во сферата на даночните давачки би морале да бидат донесени и искомуницирани со јавноста преку објавување во соодветен акт, најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година.
Донесените измени би имале одложено дејство, односно би почнале да важат од 1 јануари во наредната календарска година. Исклучок би претставувале промени во даночниот систем што значат намалување на даночните обврски на даночните обврзници правни лица. Таквите промени би започнувале да важат веднаш. Ова е своевидна асиметричност во системот, но може да се аплицира, бидејќи веднаш се ефектуираат олеснувањата за правните лица.
Во моментот кога ќе почнат да важат новите измени, на почетокот од новата календарска година, тие би биле во важност цела година и не би можеле да се менуваат во текот на годината.
Со тоа се комплетира циклусот. Тој може да се иницира и повторува секоја година, но на посочениот начин.
Кои се поволностите од воведувањето на ваквата временска рамка?
Поволности има и за бизнис-секторот и за целата економија, истакна Јовановски.
Поволноста за бизнис-секторот е во тоа што тој би бил заштитен од непредвидени промени во даночната сфера кои се прават во последен момент. Би можел навремено да ги планира и успешно да ги реализира активностите за наредната година. Со воведување на даночниот календар на начинот на кој се предлага, на 30 јуни од тековната календарска година бизнис-секторот би ги знаел промените што следуваат, би ја имал втората половина од тековната година за подготовка на своите финансиски планови за наредната година и би знаел дека нема ништо да се менува во текот на наредната календарска година.
Во однос на целата економија би имало неколку поволности. Прво, нагласува Јовановски, се работи за системско решение кое ќе постави рамка што долгорочно ќе ги дефинира процесите.
Второ, даночниот календар ќе придонесе за постабилен и попредвидлив економски амбиент. Во такви околности ќе се зголеми сигурноста кај правните лица. Тие ќе знаат колкави ќе им бидат финансиските издатоци кон државата, ќе планираат и ќе носат одлуки за инвестирање. Со тоа ќе се зголемат шансите за раст на инвестициите на приватниот сектор, а тоа значи зголемен економски раст и нови работни места, реализирани на начин што е долгорочно најодржлив.
Трето, во работењето на носителите на економските политики во поголема мера ќе се инкорпорира фокусот на долгорочни ефекти од економските политики. Макроекономските проекции за економскиот раст и за буџетските приходи ќе мораат да бидат со висок степен на реалност бидејќи нема да може ад хок да се интервенира во тековната календарска година за промени во даночниот систем.
Четврто, самото воведување на даночниот календар не вклучува какви било трошоци за буџетот.
На крајот, Јовановски даде и две појаснувања. Најпрвин, дека на оваа прес-конференција не станува збор за тоа какви промени биле направени во даночната сфера и дали требало да бидат направени, што според него е сосема друго прашање, туку фокусот е само на начинот на кој биле направени промените и како да се избегнат последиците од тоа.
Како мало завршно појаснување, за да нема забуна, Јовановски истакна дека и во моментов, во вокабуларот на УЈП постои нешто што се вика даночен календар, но тој е „годишен потсетник за даночните обврзници за навремено поднесување на даночните пријави во законски предвидените рокови.“ Даночниот календар како временска рамка за начинот на менување на даноците Јовановски нагласи дека е сосема друга работа.
М.В