/ Прочитано:

981

Компаниите бараат реформи за намалување на парафискалните давачки

Денеска во организација на „Фајнанс тинк“ се одржа јавната дебата на тема „Парафискалните давачки – каков товар претставуваат врз бизнис-секторот?“.

На денешната дебата беше промовирана и „Експлоративна анализа на парафискалните давачки за малите и средните претпријатија во Република Северна Македонија“,  која исто така е изработена од страна на „Фајнанс тинк“.

Извршниот директор на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески, го истакна значењето на темата, посочувајќи дека анализата на прецизен начин ги лоцира парафискалните давачки со кои се соочуваат компаниите и даде препораки како да се надминат тие.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, потенцираше дека потребата за изработка на оваа анализа произлезе од предлог-мерките од Акцискиот план за реализација на Стратегијата за формализација на неформалната економија 2018 – 2022 година, за чија изработка беше задолжено Министерство за економија.

„Една од основните цели на политиките на Владата на Северна Република Македонија е создавање на поволно деловно опкружување, кое ќе овозможи раст и развој на претприемништвото, како и раст на продуктивноста и конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија. Повикувајќи се на ваквите заложби на Владата, бизнис-секторот преку стопанските комори бара да се направи анализа на сите парафискални давачки, на централно и локално ниво, и да се разгледа можноста за намалување или за укинување на одредени парафискални давачки кои претставуваат административен товар за микро, малите и средните претпријатија“, истакна министерот Бектеши и потенцираше дека Министерството за економија постапило по барањата на бизнис-секторот.

Бектеши информираше дека иако висината на даночното оптоварување во земјата е на ниско ниво, од околу 13%, и се намалува секоја година, сепак, компаниите се жалат на парафискални давачки.

„Честопати има и поклопување на исти давачки и такси на централно и локално ниво. Дополнителен проблем е фактот дека некои од давачките и таксите немаат јасна цел за што би се користеле и што се финансира преку нив. Покрај висината и видовите на јавни давачки, основа за постоење на неформална економија може да биде и сложениот систем на пресметка и примена на давачките, како и нетранспарентност на процедурите за плаќање на давачките. Во такви случаи фирмите и граѓаните може и ненамерно да не платат некоја давачка бидејќи не се информирани или поради сложената процедура, или да платат погрешен износ. Сложените процедури и пресметки на одредени даноци и давачки создаваат проблеми и за инспекциските служби при инспекциски надзори и примена на законите. Поради горенаведеното, Министерството за економија спроведе јавна набавка за изработка на Анализа на парафискалните давачки за микро, мали и средни претпријатија”, истакна Бектеши.

Според министерот, податоците од анализата ќе значат дека и во иднина Министерството за економија ќе продолжи да соработува со бизнисите во насока на подобрување на бизнис-климата, што во крајна цел ќе значи не само поголем раст и развој на компаниите, туку и на целата економија.

На панел-дебатата во организација на „Фајнанс тинк“ за парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци, кои се воведени од централната и локалната власт, независните агенции и регулаторните тела, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, истакна дека претставуваат голем товар за стопанството.

Во согласност со анализите на Сојузот, во последните 10 години бројот на парафискални давачки во континуитет се зголемува, се воведуваат плаќања за полагање испити, за концесии, како и за издавање документација од институциите по разни основи. Покрај средствата кои ги трошат, компаниите губат време во долги административни процедури со бројна документација, кои не се современи и се сметаат за застарени и непотребни. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив, непостојан и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство и влева несигурност кај компаниите.  За споредба, оптоварувањето кај стопанството со неданочни давачки е значително поголемо од даночните.

Сојузот на стопански комори на Македонија води регистар по пријави на компаниите за тоа кои се најголемите парафискални давачки што го отежнуваат бизнисот, и апелира за нивно намалување или укинување од страна на надлежните институции.

Како една од парафискалните давачки компаниите ја посочуваат давачката за потврда за извршен периодичен здравствен преглед на вработените во компанијата, за која се плаќаат суми утврдени со тарифник. Оваа давачка е за потврда која секој вработен може да ја добие и од својот матичен лекар од редовен преглед преку здравственото осигурување за кое исто така континуирано плаќаат компаниите за лицата кои се вработени. Во случајов е истакнато двојното плаќање од страна на компаниите и овој трошок е посочен како една од трите најголеми и најчесто споменувани парафискални давачки.

Уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовински плаќања, со кој покрај фискалните апарати, компаниите плаќаат илјадници денари по фискален апарат за одржување –  неоснована давачка која се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не. Во надоместокот се пресметува за СИМ-картичка која овозможува поврзување со системот на УЈП, која чини околу 300 денари, но разликата од цената на чинење на СИМ-картичката до вкупната сума изнесува илјадници денари по фискален апарат секоја година.

Како еден од приоритетите е промена на основот на кој се пресметува фирмарината – парафискална давачка која компаниите ја плаќаат годишно на локалните власти.  Моментално утврдениот износ на фирмарина не ја изразува реалната состојба бидејќи сите компании ја плаќаат истата сума која за микро компаниите е огромен трошок, за разлика од големите претпријатија кои го плаќаат истиот износ на фирмарина. Поточно, фирмарината е иста и за компании со 1 или со 1.000 вработени, а дополнително  е детектирана како огромно оптоварување за стартап компаниите уште во првата година од формирањето. Потребно е износот да се утврди скалесто според одредени критериуми на големина на компанијата за да не претставува неиздржливо годишно оптоварување за микро и малите претпријатија, но и за претприемачите.

Субиндикаторите на парафискалните оптоварувања според Светскиот економски форум укажуваат дека непотребните административни трошоци во Македонија се највисоки во споредба со Црна Гора, Србија и Хрватска. Истото се однесува и на трошоци поврзани со регулативата, како и на транспарентноста во носење на легислативата и прописите.

Во таа насока, неопходни се реформи, односно потребна е контрола при воведување на парафискалните давачки и да се напушти моменталната пракса секоја институција, агенција, управа, општина, директно да донесуваат одлуки за нови давачки и за нивната висина. Пред нивно донесување, стопанството треба да биде консултирано за оправданоста на одредена давачка, со навремена најава и соодветно образложение и соодветна анализа дали е неопходен новиот трошок за компаниите. Дополнително, како приоритет треба да бидат ставени и реформите во кратење на постојните неданочни давачки.

Да се елиминира двојното плаќање за иста намена, сумите да бидат разумни и да соодветствуваат со услугата што се добива за возврат, да се укинат парафискалните давачки за кои не се добива никаква услуга, да се обезбеди предвидливост и транспарентност за да не можат органите на централната и локалната власт без најава и соодветна анализа за оправданост да наметнуваат или да зголемуваат давачки.

Најважно и последно барање е да се пропише регистар за оние давачки кои не можат да се укинат, во кој ќе бидат предвидени највисоките цени кои можат да се пропишат и да бидат предмет на ревизија на годишно ниво бидејќи со процесите на дигитализација властите имаат сè помалку трошоци и соодветно треба да се намалуваат и трошоците, односно таксите за компаниите и граѓаните.

Големиот број на парафискални давачки, непотребно го оптоваруваат стопанството и затоа неопходен е регистар за систематизација, како и соодветно намалување на скриените давачките и олеснување на секојдневните процеси. Така ќе се овозможи компаниите и граѓаните кои работат во функционален, предвидлив и економски оправдан финансиски систем да придонесат за одржлив раст.

Неданочните и парафискалните трошоци – проблем за компаниите

Компаниите реагираат на парафискалните оптоварувања

Неданочните и парафискалните давачки – сериозно оптоварување за македонското стопанство

Препораки на компаниите за реформа и унапредување на системот на јавни приходи

Големите казни и неусогласените прописи ги мачат трговците – бараат нови закони

М.В