/ Прочитано:

1.692

Компаниите бараат ревидирање на прекршочните санкции

За да се создаде поволно деловно опкружување, потребни се промени во прекршочната политика, и тоа како во однос на прекршочните санкции кои се изрекуваат на правните лица така и во однос на спроведувањето на забрзаните постапки за порамнување, беше посочено на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија.

Со Законот за прекршоците, информираа од Стопанската комора, кој почна да се применува од јули 2015 година, во однос на прекршочните санкции за правните лица беа воведени две новини – прво, воведена беше опомената, и беше променет моделот на одмерување на глобите кога сторител на прекршокот е правно лице.

Д-р Татјана Штерјова, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија, посочи дека воведувањето на опомената како санкција за правните лица беше по предлог на Стопанската комора на Македонија во насока на зајакнување на превентивната за сметка на репресивната функција на санкционирањето на деловните субјекти кои полесно ги повредиле законските одредби. Притоа, беше посочено дека е потребно да се зајакнува превентивната функција на инспекциските служби за сметка на казнувањето и почесто да се користи можноста за едукација на компаниите, особено на оние кои за првпат направиле некаков прекршок, така што ќе им се укажува на пропустите направени во работењето преку посочување каде треба да го коригираат своето работење во насока на постигнување на целосна усогласеност на нивното работење со применливите прописи.

„Иако менувањето на моделот на одмерување на глобите беше резултат на забелешките од страна на бизнис-заедницата, пред сè, поради големите износи кои беа уредени во одделните закони, како и непостоењето механизми за контролирање на износите кои ќе бидат изречени во секој поодделен случај, ставот на бизнис-заедницата е дека голем дел од овие прашања сè уште остануваат отворени. Имено, важечкото решение уредува дека висината на глобата за правните лица се одмерува во согласност со три критериуми: вкупниот приход на правното лице во претходната година (основ по кој може да се изрече најмногу 70 % од пропишаната глоба), просечниот број на вработени кај субјектот (основ по кој може да се изрече најмногу 20 % од пропишаната глоба) и околноста дали на тоа правно лице претходно му биле изрекувани прекршочни санкции (основ по кој може да се изречат 10 % од пропишаната глоба). Сепак, ваквиот модел на одмерување на глобата се заснова единствено на критериуми кои се засноваат на перформансите на самиот субјект кој се казнува и не оставаат можност за градација на прекршокот кој ќе биде направен – при одмерувањето воопшто не се земаат предвид природата и тежината на сторениот прекршок, степенот на одговорност за сторениот прекршок и околностите под кои е сторен прекршокот. Поради тоа, бизнис-заедницата смета дека и овие критериуми треба да бидат земени предвид при одмерувањето на глобите“, посочи д-р Штерјова.

Второто прашање во врска со глобите се однесува на висината која е пропишана. Имено, иако самиот Закон за прекршоците уредува дека глобата за правно лице е поставена во распон помеѓу 200 и 5.000 евра во денарска противвредност, самиот закон во продолжение остава можност со законот со кој се пропишува прекршокот да се пропише и повисока глоба од рамките определени со Законот за прекршоците, и таа можност многу често се користи од законодавецот. Поради наведеното, бизнис-заедницата смета дека треба да бидат предмет на темелно ревидирање сите прекршочни одредби во кои глобите се пропишани во износ над максимумот од 5.000 евра кој е уреден со Законот за прекршоците.

Од аспект на Законот за прекршоците, во практиката како проблематично се покажа функционирањето на забрзаните постапки за порамнување (односно, постапките за издавањето на мандатниот платен налог и на прекршочниот платен налог). Имено, во нивното уредување постои спротивставеност помеѓу самата нивна природа (која треба да е насочена кон постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и прекршочниот орган за да се избегне водењето на прекршочна постапка) и модалитетот низ кој се уредени во конкретните закони.

„Од една страна, Законот за прекршоците уредува дека за спроведувањето на забрзаните постапки треба да има согласност на сторителот на прекршокот (така што тој ќе го потпише записникот и ќе се согласи да се спроведе оваа забрзана постапка откако тоа ќе му биде предложено од прекршочниот орган, како алтернатива на водењето на прекршочна постапка).

Од друга страна, во законите каде што се уредени мандатниот и прекршочниот платен налог изречно се уредува дека се изрекуваат секогаш кога ќе биде сторен прекршок за кој е предвидено изрекување платен налог. Дополнително, одредбите уредуваат и дека мандатен, односно прекршочен платен налог може да се издаде и во ситуациите кога сторителот одбива да го потпише – во ситуациите кога прекршокот бил утврден лично од службеникот или со употреба на соодветни технички средства и направи, односно со податоци од службена евиденција. Можноста да биде спроведена ваква забрзана постапка во ситуација кога не постои согласност на сторителот на прекршокот е особено проблематична во случајот на мандатниот платен налог, каде што не е предвидена можност за поднесување жалба или некој друг правен лек – ако не биде платена глобата во рок од 8 дена, тој добива својство на извршна исправа, и оваа можност може да остави отворени повеќе прашања во ситуациите кога сторителот не се согласил да биде издаден мандатниот платен налог. Поради тоа, бизнис-заедницата смета дека потребата од постоењето на мандатниот, односно на прекршочниот платен налог и модалитетите на нивното уредување треба да бидат преиспитани“, беше образложено на денешниот настан.

На прес-конференцијата свое обраќање имаше и Ѓино Шкријељ, претседател на Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори при Стопанската комора на Македонија. Шкријељ ги изложи практичните искуства од примената на Царинскиот закон, при што посочи дека се поддржуваат напорите на Царинската управа за ревидирање на прекршочната политика во Царинскиот закон и намалувањето на износите на пропишаните глоби и глобите кај мандатниот, односно прекршочниот платен налог.

При тоа, тој истакна дека е потребно почесто на правните субјекти најнапред да им биде изречена опомена од страна на службените лица со цел да се остави можност и простор да ги отстранат недоследностите и да го усогласат своето работење со важечките прописи пред да им биде изречена глоба, а воедно се осврна и на искуствата од примената на мандатниот платен налог, кој е уреден во Царинскиот закон, потоа на отворените прашања кои се поставуваат при неговото применување, како и на потребата во што е можно покус рок да биде ревидиран.

Шкријељ посочи и на ситуациите кога се изрекува глоба, односно се издава мандатен платен налог дури и во ситуациите кога се прави техничка грешка во поднесена царинска декларација (најчесто пермутација на бројки), дури и во ситуациите кога подносителот на декларацијата самоиницијативно, во најкраток можен рок по воочувањето на направената техничка грешка, ја коригира поднесената царинска декларација и ја надоместува евентуалната штета настаната поради тоа.

Тој предложи изречно да се уреди можноста во ваквите ситуации да биде изрекувана опомена или да се уреди можност за ослободување од санкција на сторителот на прекршокот во ситуациите кога прекршокот е направен под особено олеснувачки околности и кога станува збор за прекршок за кој е предвидена глоба од помала вредност, а субјектот кој го сторил прекршокот самиот го воочил и презел дејствија за да ги отстрани недостатоците во своето постапување или на друг начин да ги санира последиците во краток рок, и самиот му укажал на надлежниот орган за тоа.

На прес-конференцијата беше истакнато дека бизнис-заедницата очекува нејзините предлози и сугестии да бидат земени предвид при најавеното ревидирање на Законот за прекршоците.

М.В