/ Прочитано:

4.241

Компаниите да ги искористат можностите што ги нуди новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите

Со усвојувањето на новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите, кој означува законски нормирана рамка за финализирање на иницијативата за поддршка на успешните македонски компании и зголемување на нивната конкурентност и инвестициска активност, се операционализираат дел од предлог-мерките кои ги предложи Стопанската комора на Македонија уште во 2010 година, систематизирани во предлогот на нов модел за забрзан економски развој.

„Мерките за поддршка, кои ги предвидува овој Закон, за компаниите ќе значат можности да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица и неколкукратно да ги зголемат и да ги прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари“, велат од Стопанската комора.

Со овие мерки ќе се овозможат посилни повратни врски со странските директни инвестиции и повеќе ќе се стимулира извозот, кој е неопходен за да се постигне повисока стапка на економски раст и развој, преку обезбедување помош за унапредување на квалитетот, количествата и сигурноста на производите преку технички и менаџерски вештини, деловно планирање, пристап до капитал со зголемена технолошка и деловна софистицираност на домашните бизниси.

Стопанската комора на Македонија ја поздравува иницијативата на Владата на Република Македонија за законско нормирање на овој систем за поддршка на компаниите, но и конструктивноста на сите политички партии во Собранието на Република Македонија во насока на деблокирање на процесот на усвојување на законските решенија кои се од интерес за економијата и кои се очекува да го подобрат деловниот амбиент во државата.

Во таа насока, Стопанската комора на Македонија ги повикува сите компании во Република Македонија да се подготват за поднесување барања за користење финансиска поддршка и да ги искористат можностите за обезбедување поддршка за зголемување на нивната конкурентност, во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој беше усвоен во Собранието на Република Македонија.

M.В